Царовска, Бертолини и Илијев во посета на Осогово: Развиваме услуги за развој на планинскиот велосипедизам

Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, претставникот на ЕУ Никола Бертолини и градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, вчера доцна попладнето имаа работен состанок и направија увид во градежните работи на проектот „Планински велосипедски рај“ на Осоговските планини што се реализира со средства од проектот за Локална и регионална конкурентност, финансиран од грант од Европската Унија.

Како што соопштија од Кабинетот на вицепремиерката, за проширување на туристичкиот потенцијал и за создавање услови за развој на авантуристичкиот туризам на Осоговските планини со овој проект се предвидени вкупно 30.674.272 денари, од кои 10 проценти се учество на Општина Кочани.

Целта на проектот „Планински велосипедски рај“, како што наведуваат, е да се развие уникатно планинско авантуристичко искуство. Тоа ќе се овозможи со изградба и обновување на велосипедски планински патеки, обновување на планинарскиот дом и развој на други услуги за поддршка на овој вид туризам.

На состанокот се разговарало и за развој на други инфраструктури проекти во Општина Кочани што се значајни за подобрување на туризмот и условите во општината.

– Преку проектот за Локална и регионална конкурентност досега се потпишани 61 договор за реализација на проекти со кои се инвестира во секторот туризам низ целата држава. Од нив 25 се целосно завршени, а во тек е реализацијата на уште 36, се наведува во соопштението.

Back to top button
Close