Царовска: Концепцијата е прв чекор за подобрување на резултатите на меѓународните тестирања

 Учениците кои наесен ќе почнат да учат по новата Концепција за основно образование, кога ќе завршат деветто одделение, во прва година на ПИСА тестовите ќе покажат какви резултати дава новата Концепција, вели министерката за образование и наука Мила Царовска во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

-Ако ме прашате што сум направила како министер, носењето на Концепцијата е прв чекор за подобрување на резултатите на меѓународните тестирања, коишто не се подобруваат за една година. Државите коишто сакаат да променат нешто и да имаат подобри резултати, а резултатите не се бројка туку подобар човечки капитал во државата, тогаш тие треба 10 години порано да почнат, за да ги очекуваат првите резултати, истакна Царовска.

Таа посочи дека веќе година и пол течат подготовките за да има подобри резултати на ПИСА тестирањето. Царовска објасни дека како Министерство, заедно со УНИЦЕФ подготвиле пет збирки на задачи за вежбање на тестовите и за начинот на поставување на задачите.

-Тука е голем предизвикот, нагласи Царовска.

Според неа многу е значајно наставниците да зборуваат за ПИСА тестирањето.

-Во минатото многу често ни се случуваше наставниците самите да го минираат тестирањето, затоа што велеа дека тоа не им е на учениците за оценка. Не се тестираме секогаш за оценка, некогаш се тестираме само за да процениме до каде сме стигнале со нашиот квалитет на образование. Затоа ги поттикнувам родителите, секогаш кога се зборува за меѓународни тестирања, да ги мотивираме нашите деца, пред сè како родители, да ги пополнат тестовите до крај, да покажеме колку сме научиле. Можеби директно не влијае на личната оценка на детето, но влијае на националниот просек и е значајно да стане национална гордост а не секогаш да бидеме последни на листите, рече Царовска

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close