Царовска на координација со УНДП и граѓанските организации: Сите предлози и сугестии за заштита на работниците и бизнисот се добредојдени

Вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска, денеска  одржа редовна координација со претставници на Министерството за труд и социјална политика, граѓанските организации „Гласен текстилец“, „Хелсиншки комитет за човекови права“, „ХЕРА“, „Платформа за борба против сиромаштија“, „Мрежа против насилство врз жените“, претставници на синдикални организации и од УНДП, а на која учествуваа и претседателката на Инспекцискиот совет и  директорите на пазарниот и трудовиот инспекторат.

-На состанокот, преку апликацијата „Zoom“,  се дискутираше за спроведувањето на мерките и препораките на Владата во делот на заштита на работничките права, инспекциските надзори, почитувањето на протоколите од страна на работниците и компаниите и можностите за користење на државна помош во случај на губење на работа. Исто така се зборуваше и за правото на користење на родителското платено отсуство за работници коишто имаат деца на возраст до 10 години, информира кабинетот на Царовска.

Состанокот бил искористен граѓанските организации да дадат свои предлози и сугестии што ќе помогнат во носењето на нови мерки за полесно справување со здравствено и социо-економската криза предизвикана од Ковид-19, а вицепремиерката Царовска истакнала дека Владата вложува максимални напори да направи баланс во заштитата на работниците и бизнисот, односно никој да не е губитник во оваа криза.

Таа потенцирала дека според последните податоци од Агенцијата за вработување досега околу 3.900 лица побарале користење на надоместокот поради изгубена работа, од кои на 1.900 веќе им е одобрен, а за останатите 1.900 разгледувањето на барањата е во тек. Исто така, напоменала и дека околу 1.000 лица поднеле барања за користење на гарантиран минимален приход и над 100 барања се веќе одобрени.

-Ова укажува дека системот на државата е подготвен да одговори и да ги прифати лицата коишто останале без работа и на тој начин да се обезбеди основна егзистенција за оние коишто го изгубиле работното место, се вели во соопштението.

За дополнително зајакнување на најранливите семејства во овој исклучително тежок период започнато е вклучување во општинско корисна работа на околу 50 корисници на гарантиран минимален приход, во вкупно 10 општини. Овие лица се активираат во одржување на хигиената во општините, за дезинфекција на јавните површини и влезовите во зградите за што им се исплаќа надоместок.

Back to top button
Close