Царовска на состанок со граѓански организации: Преку интегрирани наставни програми учениците постигнуваат подобри резултати

Министерката за образование и наука Мила Царовска на онлајн состанок со граѓанските организации денеска разговараше за новата концепција за основно образование. На состанокот беше истакнато дека граѓанските организации се важен партнер на Министерството во носењето на сите реформски процеси, вклучувајќи ја и новата концепција со која ќе се постигнат темелни промени во основното образование.

Според Царовска, со новата концепција треба да го постигнат полниот потенцијал кај секое дете, а низ образовниот процес да создадат граѓанки и граѓани кои ги почитуваат вистинските граѓански вредности како што се родова еднаквост, толеранција и ненасилството.

Таа додаде дека интегрираните наставни програми не се новина и постојат во најразвиените современи образовни системи.

-Овие консултативни состаноци ги оргaнизираме со сите засегнати страни со цел да создадеме концепција којашто ќе биде прифатена од сите, а е во најдобар интерес на децата. Овие програми позитивно влијаат на постигањата на учениците и им овозможуваат да го користат наученото и надвор од границите на определен предмет, да го користат своето знаење креативно и да развијат критичка мисла и ефективни стратегии за учење, рече Царовска.

Министерката истакна дека новата концепција е само рамката според која се планира основното образованиe и не ги брише и менува содржините од наставните предмети. Изработката на поединечните наставни програми ќе следува по развојот и прифаќањето на Концепцијата. Наставните програми ќе бидат изработени од наставници, универзитетски професори и советници од Бирото за развој на образованието.

Царовска на состанокот посочи дека со новата концепција наставниците ќе продолжат да си ги предаваат предметите за кои и претходно држеле настава, и дека ниту еден наставник нема да ја изгуби работата.

-Со новата концепција ќе создадеме училиште кое ќе ги учи младите да учат, да постигнуваат личен развој и ќе ги поттикнува да размислуваат критички и да ги решаваат проблеми врз основа на анализи и факти, додаде Царовска.

Минатата недела министерката одржа консултативни состаноци за концепцијата со директорите на училиштата, наставници, родители и ученици.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close