Царовска на средба со деканите на Економските факултети од Скопје и Љубљана

 

Министерството за образование и наука ја поддржува академската заедница во напорите за приближување до европскиот модел на универзитет и во достигнувањето на високите стандарди за образование на кадри подготвени за успешно справување со современите предизвици. При тоа, од голема важност е регионалното и меѓународното поврзување, беше истакнато на денешната средба на министерката за образование и наука Мила Царовска со деканот на скопскиот Економски факултет проф. д-р Предраг Трпески и деканката на љубљанскиот, проф. д-р. Метка Текавчиќ.

Во оваа насока, како што соопштија од МОН, е и интензивирањето на соработката меѓу Економскиот факултет на УКИМ во Скопје и Економскиот факултет на Универзитетот во Љубљана.

Царовска нагласила дека е важно нашите високообразовни институции да ги следат добрите практики, како патоказ за реализирање на поквалитетни студиски програми.

– За младите кои сакаат да ги остварат своите амбиции и визии и да се едуцираат на престижни универзитети, Економскиот факултет на Универзитетот во Љубљана е еден од честите избори, потврди деканката Текавчиќ.

Овој факултет е високо рангиран меѓу бизнис школите во светот, а истиот реализира и во нашата земја меѓународни постдипломски студии од областа на економијата и менаџментот.

Имајќи го предвид клучното значење на економските науки во надминувањето на глобалните предизвици, деканот Трпески рече дека засилувањето на академската комуникација со колегите од Љубљана, на сите нивоа, е влог во економијата.

– Како се забрзуваат евроинтеграциските процеси така се зголемува и потребата за подготвен високообразован кадар кој ќе може да се вклучи во предизвикувачката реалност и ќе придонесе во носењето на квалификувани одлуки, рече Трпески

Back to top button
Close