Царовска: Одговорно тврдам дека реформата се однесува само на подобрување на образовниот систем

Целиот процес на унапредување на основното образование се води согласно Законот за основно образование, што предвидува концепција за основно образование и ги содржи сите потребни елементи за да може понатаму да се спроведува планот за подобрување на основно образование, вели министерката за образование Мила Царовска.

Наставните програми за прво и четврто одделение се подготвени и ќе започнат да се имплементираат од септември, рече министерката Царовска вечерва во емисијата „Анализа 24“ на ТВ 24, каде за новата реформа во образованието дебатираше со претседателката на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска и со претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

-Тоа што ние сме научени учебникот да биде единствен извор на информација и знаење е голем проблем за досегашниот образовен систем. Новата концепција предвидува дека истиот тој материјал е еден извор, но истиот треба да се поврзе со други извори, мултимедијални содржини за да знаењето не биде само фактографско помнење на фактите до вчера, а утре веќе не ги знаете, напротив треба да ги поврзе со целиот систем на живеење и постоење на ученикот за да можат да бидат запомнети и искористени понатаму во следните нивоа на образование, додава Царовска.

Јаневска пак вели дека концепцијата не е Закон, напротив законските решенија што треба да ја поддржат Концепцијата се пуштени во Собрание, но не се донесени, па сите огласи и повици што се спроведуваат се надвор од законските решенија, што и претставува проблем.

-Носење концепција во време на пандемија, кога стресот во образованието е голем, според нас е проблематично, како и тоа што теренот воопшто не е подготвен. Реформите што власта се обидува да ги спроведе со светлосна брзина на неподготвени наставници и учебници, за нас е проблем што во една околина учениците ќе немаат печатени и хартиени учебници, вели таа.

Јаневска додава дека прва опција за наставниците и учениците во образованието мора да бидат хартиени учебници, додека дигиталните учебници може да се третираат како втора опција.

– Првата опција за децата и за наставниците мора да бидат хартиените учебници. Знаеме колкава е бројката на ранливи категории и тие кои се на раб да станат ранливи во пандемијата и дека тие никако нема да бидат рамноправни во употребна на само дигитални учебници, потенцираше Јаневска.

Министерката за образование нагласи дека професори од сите педагошки факултети кои се обучувачи на наставниците, заедно со истакнати наставници поминуваат четиридневна обука заедно со професорите од факултетите со цел да навлезат во темата и понатаму најсоодветно да ја одговорат и пренесат на останатите наставници.

-Во моментов се обучуваат 4.000 наставници и тоа во втор циклус, таков тип на обуки ВМРО-ДПМНЕ за 12 години никогаш не организираше и тоа е страшно што Кембриџ е воведена за еден месец со полудневна обука, за разлика од сега кога имате три циклуси по четири дена за да може во септември да се соочат со предизвиците, иако се искусни јас верувам во секој од нив и токму затоа системот на поддршка ќе продолжи и во наредниот период во текот на целата учебна година за да се согледаат сите недостатоци, бидејќи нема совршен систем, посочи Царовска.

Претседателот на СОНК вели дека потребно е власта и опозицијата да го ценат наставникот и сите реформи што се спроведуваат да се направат како што е потребно, не само за наставниците туку и за образовниот процес, со цел да водат кон просперитет.

-Во однос на најавениот штрајк на дел од синдикатот на СОНК, ставен е во мирување по средбата со министерката, откако добивме уверување дека овој проблем ќе се надмине и дека Министерството ќе ја убеди локалната самоуправа за исплата на прекувремена работа на наставниците, вели тој.

Неделков додаде дека на наставниците не им е тешко да се вклопат во нови услови, напротив тие повеќе ќе ценат доколку им бидат обезбедени средства и услови за работа, тогаш ќе одвојат и време надвор од работата со цел да им помогнат на децата и родителите.

-Се додека наставниците се платени подпросечно, тоа значи дека местото им е под просекот и апелирам до Министерството и Владата да посветат внимание  на социјалниот статус и мотивација на наставниците, посочи Неделков.

Во однос на интеграција на предметите, претседателка на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ вели дека ставот на опозицијата е дека тоа е реформа зад која се кријат и политички мотиви, посочувајќи го Договорот од Преспа и договорот што треба да се постигне во Софија.

-Трагична е потребата на ВМРО-ДПМНЕ да зборува на тема образование и постојано да го поврзува основното образование со друго соседско прашање или надворешно политичко прашање. Јас секогаш сакам да зборувам за факти, вели Царовска посочувајќи дека досега не постои надворешен договор што бара да се промени содржината на учебниците.

Министерката додаде дека одговорно тврди оти реформата се однесува само на подобрување на образовниот систем  и посочи дека програмата за четрто одделение на тема „Мојата татковина“ ги содржи сите историски моменти што државата треба да ги памти, а учениците треба да ги научат.

Back to top button
Close