Царовска: Повеќе од 14 илјади ученици пријавија државна матура

– Повеќе од 14 илјади ученици пријавија државна матура, што укажува дека тие сакаат да полагаат државна матура, рече денеска на прес-конференција министерката за образование и наука Мила Царовска, додавајќи дека Министерството и Владата имаат законска обврска да ја организираат, со цел да им го остварат на учениците законски гарантираното право да полагаат матура.

Царовска истакна дека се помал е бројот на ученици кои се приклучуваат на бојкотот и повторно апелираше до родителите, наставниците и училиштата да внимаваат на ученциите, кои се под притисок да се приклучуваат на бојкотот.

Државната матура, повтори таа, е изборна, а за тие што нема да ја полагаат можност се училишната матура и стручниот испит.

Прашана за матурантите кои се под притисок од страна на наставниците, Царовска истакна дека тие веројатно укажуваат на законските обврски кои ги имаат како училишта да ги испочитуваат, а тоа, како што рече, е во делот на евиденција на часовите на кои не се појавил одреден ученик.

– Не станува збор за никакви притисоци, но важно е да се кажат сите елементи кои законите и правилниците во образованието ги предвидуваат, нагласи министерката.

Според неа, социјалниот притисок кој се случува врз учениците кои одбиваат да се приклучат на бојкотот е значителен.

Back to top button
Close