Царовска: Промените во основното образование подразбираат и значително унапредување на правата на сите заедници во земјата

Новата Концепција за основно образование превидува драстични промени во образовниот систем од следната учебна година, вклучително и воведување на интеркултурно образование со кое ќе се надмине пасивниот соживот помеѓу различните етнички и верски заедници и ќе се даде придонес кон изнаоѓање на одржлив начин за заедничко живеење во нашето мултикултурно и мултиетничко општество. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска во своето обраќање по повод 25 години од усвојувањето на Хашките препораки за образовните права на националните малцинства на онлајн конференцијата организирана од Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ.

-Еден од најважните аспекти на реформските процеси во нашата земја во делот на образованието се однесува на воведување книги за дигитално учење. Пандемијата не само што ни покажа колку е важна дигитализацијата во образовниот систем, туку и ја истакна потребата од забрзување на овој процес со цел секое дете да има еднаков пристап до образовните можности, рече Царовска.

Таа додаде дека печатените учебници ќе останат за учениците од прво до трето одделение, додека дигиталните учебници ќе бидат прва опција за учениците од четврто и погорните одделенија.

Министерката потенцираше дека новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали што се во собраниска процедура овозможуваат секој ученик да има пристап до учебникот од кој треба да учи и да ја совлада наставната материја.

-За учениците кои потекнуваат од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигитални материјали за учење, како и за ученици на кои поради попреченост им се потребни уреди или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до учење. Ова значи дека за прв пат институциите ќе имаат законска обврска да обезбедуваат уреди за деца кои доаѓаат од семејства со ниски примања и сите сме свесни дека тоа се во најголем дел семејства припадници на одредени етнички малцинства, посочи министерката во своето обраќање.

Министерката нагласи дека законот предвидува училиштата да имаат таканаречен библиотечен фонд на таблет компјутери кои ќе им се даваат на времено користење на учениците од социјално загрозените семејства, за што обезбедена е поддршка од Светска банка. Таа објасни дека за учениците кои од разни причини немаат можност да користат дигитални учебници, училиштата се должни бесплатно да им ги испечатат учебниците и тоа на еден од официјалните јазици на кои се организира наставата во јавните училишта во Северна Македонија, што досега не било пракса.

Царовска истакна дека воведувањето дигитални технологии во образовниот систем може да придонесе кон зајакнувањ на маргинализираните заедници и да ги намали нееднаквостите, но само ако се има волја и ресурси да се оствари тоа.

Таа додава дека Министерството за образование и наука и Владата се целосно подговтени да ја постигнат таа цел.

Back to top button
Close