Царовска: Реформите во образованието се однесуваат за сите училишта, за пет до шест години ќе имаме посовремено образование

Министерката за образование, Мила Царовска истакна дека новите реформи во образованието се однесуваат за сите училишта во државата, дури и за оние најруралните. Таа посочи дека вкупно 1 300 ученици поради немање електрична енергија не се во можност да следат онлајн настава, но токму затоа, како што рече, сите позиции во Законот кажуваат палета на можности кои што се нудат, за тие да следат настава.

Царовска во денешното гостување на телевизијата Телма рече оти ги знае деталите за социјалните состојби и разлики во државата, и токму затоа оваа реформа нема да донесе до социјален јаз.

-Ако денеска еден ученик заради својата социјална состојба не е изложен на дигитални алатки, нема пристап, и тоа е така, ние сме земја во развој, има парталав учебник и рурално школо, но тоа се можностите. Вие велите училиштето согласно закон има обврска да му обезбеди дигитален уред, таблет и минимум што треба да го добие, но што правите со тоа, нееднаквост или подобрување на еднкавоста во општеството, затоа што тој првпат се соочува во училиштето да добие дигитален уред кој што семејството не може да му го обезбеди, рече Царовска.

Таа додаде дека 10 проценти од учениците немаат пристап до интернет во своите домови, дури и да им се обезбеди таблет и лаптоп, но на МРТ секој ден оди по распоред час по даден предмет за да и тие уленици следат и тоа се практикува во сите земји во развој.

Прашана дали знае дека постојат семејства во државата кои немаат електрична енергија и поради тоа немаат пристап ни до МРТ, министерката информира дека тоа се вкупно 1 300 ученика, и тие 1 300 ученици влегуваат во моментов во училница.

-Илјада и триста ученика. Кој претходно министер ви кажал колку негови ученици немаат електрична енергија дома? Баш заради тоа што доаѓам со портфолио кое што е социјално сликата ми е сосема јасна, затоа сите позиции во законот кажуваат палета на можности кои што се нудат. Штип има едно посебно училиште, тоа е еден директор кој е и многу разбран, по две три деца повикува по распоред, се држи настава, си одат, затоа што нема шанса да стигнат ни до телевизор, ни до таблет, и тие ученици следејќи ќе ја завршат оваа учебна година заради тоа што и во системот имаме и посветени директори и посветени наставници, додаде министерката.

Таа посочи оти првпат е направена и проценка колку кабинети имаме по природни науки, дали тие можат да се реновираат, а таму кај што нема кабинети да се постават витрини за природни науки и таму кај што нема можност ни за витрини да има китови за учениците кои се таму, затоа што има училишта каде имаме до десет ученика.

-На тој начин, вие велите јас инвестирам, таа опрема е потребна за да можете вие природни науки да предавате. Но ако споредиме градските и руралните средини, училишта, тие имаат и предности и маани. Не секогаш руралните училишта се оние кои имаат повеќе маани затоа што имаат можност својата настава да ја спроведуваат и во дворот и во околината директно да бидат изложени на знаења, и информации кои во градска средина не можат, посочи Царовска.

Во однос на новите програми за прво и четврто одделение, министерката рече дека за прво одделение е подготвена програмата, но за четврто се уште не е готова. Притоа, како што рече, ќе се работи и на подготовка на измена и дополнување за петто одделение.

-Ние предложивме прво и шесто, шесто како припрема за во трет развоен период. До прво одделение е во еден развоен период, четврто е втор развоен период и седмо до деветто е трет развоен период. За првото одделение ја подготвивме програмата, и гледате дека четврто се уште не е готова, заради тоа што контурите и на второ и трето се поставуваат за да стигнеме до четврто одделение како наставна програма. Но, притоа ќе се работи и на подготовка на измена и дополна на петто одделение, заради влезот во шесто одделение каде што имаме повеќе предмети, додаде таа.

Царовска појасни дека има група која работи посветено на програмите, и која ја гледа деветтолетка полна со теми. Посочи дека сукцесивното влегување во образование ќе донесе повеќе квалитет отколку директно влегување во целата деветолетка.

-Така се случи со Кембрич, наеднаш се влезе со Кембрич во еден наврат и не можеше да се согледа кои се предизвиците и да тие се адаптираат. Со влезот во прво одделение и влезот во четврто ние ќе видиме каде се предизвиците во тие нови програми. Така секоја наредна година, во тенденција од пет години ќе успееме да се доусогласиме, додаде таа.

Таа појасни дека доколку се работи секој ден континуирано, за пет до шест години ќе имаме подобро и посовремено образование од ова што е денес.

-Јас не реков дека утре ќе имаме совршено образование, туку дека за пет до шест години нашето образование ќе биде подобро од она што е денес, поосовременето, ако секој ден работиме да тоа биде така. Во еден момент ако застанеме, нема да биде подобро, може да биде уште полошо. Затоа е важно да ова го буткаме дневно и да тоа станува реално за секој наставник, за секој ученик и да секоја година бидеме подобри и подобри, додаде Царовска.

Back to top button
Close