Царовска: Резултатите од студијата на Коалиција Маргини се доказ за итни промени на содржините во наставните материјали

Министерката за образование и наука Мила Царовска, денеска присуствуваше на презентација на резултатите од последната HBSCM студија – „Однесувања поврзани со здравјето кај адолесцентите на училишна возраст во Северна Македонија”, изработена од Коалицијата Маргини.

Како што информира МОН, на презентацијата се зборуваше како стереотипите и дискриминацијата во содржините на учебниците влијаат врз однесувањето на младите, но и во самите училишни средини, семејството и другарување со врсниците.

Министерката Царовска истакна дека образованието е еден од механизмите за промена на стереотипните размислувања и искоренување на родовата нееднаквост и дискриминацијата по каква било основа помеѓу младите во едно општество. Затоа преку модернизација на наставните планови и програми, преку примена на современ концепт на едукација МОН работи на надминување на овие предизвици.

– Министерството за образование и наука веќе развива концепт за целосна и суштинска промена на наставните и дидактичките материјали за основно и средно образование кои поттикнуваат или ја засилуваат родовата нееднаквост и содржат стереотипи. Потребата од воведување целосно нов систем за изработка на наставни материјали е резултат на постојаните реакции од јавноста, родителите/старателите, учениците, но и самите наставници за квалитетот на учебниците, долгите постапки за нивно одобрување, како и честите повлекувања на учебници поради стереотипи, предрасуди, грешки и недоследности. Со воведувањето на целиот концепт од идната учебна година очекувам надминување на овие долгогодишни проблеми, рече Царовска.

Резултатите од истражувањето нудат исклучително значајни информации, статистики и анализи за дефинирањето на родовите разлики и нееднаквости со мноштво фактори, ставови, однесувања, практики и здравјето на младите во државата. Но со нивните релации со општеството, родителите, и училиштето, со искуствата на врсничко, семејно и сексуално насилство, како и нивното ментално здравје.

Податоците користени во оваа публикација се добиени во 2018 година, на национален примерок од 4685 ученици, на возраст на 11, 13 и 15 години, со настава на три наставни јазика, македонски, албански и турски. Истражувањето е спроведено според стандардизиран истражувачки протокол, во 149 основни и средни училишта, од сите региони во земјава.

Според истражувачите, студијата од 2018 година со учество на учениците од 13 и 15 години, во најширок опсег досега, ги проблематизира традиционалните вредности и норми преку кои се вкоренуваат и репродуцираат родовите нееднаквости, користејќи истражувачка евиденција од повеќе извори. Со нивна помош можат да се проценуваат и да се следат ефектите на доминацијата и контрола што овие вредности ги промовираат врз здравјето и добросостојбата на младите.

– Основниот интерес за темата на родовите нееднаквости се потпира врз богата истражувачка евиденција за однесувањата поврзани со здравјето на децата од Северна Македонија, чии одговори сведочат за улогата на семејството, но и на училиштето, врсничката група, медиумите и јавните простори во кои младите се воспитуваат, наведува МОН

Back to top button
Close