ЦАС пресуди во корист на руските и белоруските скијачи и нордијци

Руските и белоруските спортисти треба да имаат право да учествуваат на квалификациските натпревари организирани од Меѓународната скијачка и сноуборд федерација (ФИС) доколку ги исполнуваат критериумите на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) за индивидуални неутрални спортисти, објави денеска Арбитражниот суд за спорт со седиште во Лозана (ЦАС).
Паралелно со ова, рускиот министер за спорт Михаил Дегтјарев изјави дека руските скијачи и сноубордери добиле судска пресуда и можност да настапат како неутрални спортисти на претстојните Зимски олимписки игри 2026 Милано-Кортина.
Дегтјарев објави на социјалните мрежи дека жалбата на Русија до ЦАС ја поништила забраната наметната од ФИС.
Неутрален статус може да се додели во повеќето спортови, следејќи ги упатствата на ИОК, за спортисти кои јавно не ја поддржале руската воена интервенција во Украина и немаат врски со војската или државните безбедносни агенции на Русија.






