Цеков: Улогата на ЗНАМ како коректив сè помалку се препознава
Пратеникот на движењето ЗНАМ, Миле Цеков, во емисијата „360 степени“ на МРТВ рече дека по две години како дел од владејачката коалиција, улогата на ЗНАМ како коректив на власта сè помалку се препознава

„При формирањето на движењето ЗНАМ, иницијалната каписла беше третата опција и парадигмата коректив на власта. И оттука јас истакнав дека како нов политички субјект, движењето ЗНАМ треба својот политички и идеолошки идентитет да го гради од позиција на опозиција“, изјави Цеков.
Тој додаде дека мнозинството во рамки на органите и телата одлучило ЗНАМ да биде дел од власта, и дека оваа одлука била легитимна и демократски донесена.
„Јас ја почитував, но по двегодишно учество во власта сметам дека перцепцијата како коректор на власта не е доволно јасно препознаена за движењето ЗНАМ“, рече Цеков.
Пратеникот на ЗНАМ истакна дека довербата од народот се гради преку дела и дека партијата мора да ги застапува ставовите ветувани во изборната кампања. „Затоа генерално ќе кажам дека јас останувам доследен на моите принципи и вредности коишто сум ги ветувал во изборната кампања“, нагласи тој.






