„Цел живот го посветив на пациентите, жртва се моите деца на кои не им се посветив“, доктори негираат вина за „Онкологија
Доктор Драган Јакимовски, специјалист од одделението за малигни генитални тумори кај жени, пред судот изјави дека воопшто не се чувствува виновен за делото што му се става на товар.
„Како лекар од 1998 година сум вработен на Клиниката за онкологија и од самиот почеток најавив дека најодговорно ќе ги извршувам моите професионални задачи. Секогаш се борам за секој човечки живот како за мој најблизок. Никогаш не сум имал финансиски мотив или намера да направам штета на пациентите“, изјави Јакимовски, додавајќи дека досега не сторил лекарска грешка и дека како единствен вработен во семејството нема никаков мотив „да уништува други луѓе“.
Професор доктор Симонида Црвенкова, специјалист по радиотерапија и онкологија, исто така ја отфрли вината.
„Сигурна сум дека јас и мојот адвокат ќе ги побиеме сите невистини изнесени против мене. Целиот мој живот сум го посветила на едукација и лекување пациенти, а најголема жртва на тоа се моите деца, на кои не можев доволно да им се посветам“, рече Црвенкова.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ истакна дека обвинението е неосновано и дека одбраната ќе го докаже тоа преку предлог-докази и вештачења.
„Ќе докажеме дека т.н. вештачења на обвинителството се нецелосни, паушални и недоволно поткрепени. Не станува збор за криминално работење или несовесно лекување“, рече Туфегџиќ.
„Мене не ме плаши правдата, туку неправдата која некој сака да ми ја нанесе“, додаде доктор Јакимовски (skopje1)