Целосно неточни и измислени се наводите дека ТИРЗ склучува договори на „штета на граѓаните

Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони најостро ги демантира наводите на политичката партија ВМРО ДПМНЕ изнесени на денешната прес конференција за незаконски тендер за мониторинг на исплата на државна помош.

-Целта на договорот за „Мониторинг на државна помош“ е да се спроведе внимателна и детална проверка на сите барања за исплата на државна помош токму за да се осигура заштита на јавниот интерес и парите на граѓаните.Оваа новина е воведена во 2021 година и ја вршат надворешни ревизори. Конкретно, за 2021 година, преку отворена постапка за јавна набавка, ангажирана е меѓународната ревизорска куќа Прајсвотерхаус Куперс. Во изминатата година исплатени се вкупно 720 милиони денари државна помош кон компаниите, а вкупниот трошок за ангажманот на ревизорите е под 1% од овој износ, велат во соопштението од ТИРЗ .

Оттаму укажуваат дека согласно Законот за контрола на државна помош, на кој се повикува политичката партија ВМРО ДПМНЕ, Комисијата за заштита на конкуренција врши контрола на давателите на помош (институции), а не на корисниците на истата (компании). Дополнително, согласно Законот за ТИРЗ и наведениот член 12, регулирана е евиденцијата на дадената помош, а не контрола на направените трошоци на компаниите.

-Во однос на објавената постапка за набавка за 2022 година, истата е целосно во согласност со Законот за јавни набавки и, во моментот, тече евалуација на пристигнатите 4 (четири) понуди. И за оваа постапка важат истите критериуми како и за 2021 година, каде е ангажирана Прасјвотерхаус Куперс.Инаку во рамки на овој договор се спроведува проверка на тековните барања за исплата на државна помош по договори, кои во дел се склучени во периодот до 2017 година. Како што неодамна објави Дирекцијата за ТИРЗ, во 2021 година исплатени се вкупно 720 милиони денари државна помош, а вкупните трошоци за ангажманот за проверка на барањата за исплати се под 1% од оваа сума, додаваат од ТИРЗ.

Дирекцијата за ТИРЗ, преку воведување на ваков механизам на проверка и следење работи исклучиво во заштита на интересот на граѓаните и јавните средства.

-Останува нејасно чиј интереси застапува политичката партија ВМРО ДПМНЕ и зошто и кому му пречи проверката на барањата за исплата на државни средства, се вели во соопштението.

Back to top button
Close