Целосно вакцинирано 19,44 отсто од населението во Грција

Над пет и пол милиони вакцинации се спроведени во Грција од процесот на имунизацијата, над три милиони граѓани, односно 34,5 отсто од населението ја примиле првата доза, а нешто повеќе од два милиони или 19.44 проценти се целосно вакцинирани, соопшти генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус на денешната редовна прес конференција, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на имунизацијата на островите, најголема покриеност има на Китнос, каде што 93 отсто од жителите ја примиле првата доза, а 79 проценти се целосно вакцинирани, а останува мал интересот кај жителите на Самос, Наксос, Кефалоња, Закинтос и Калимнос.

Темистоклеус објасни дека за месец јуни, Грција очекува 2.070.900 дози од Фајзер, 308.400 од Модерна и меѓу 400.000 и 500.000 дози од Астра Зенека, а од Џонсон и Џонсон, во текот на следните денови ќе имаат конкретна бројка за пратката.

Од досегашните пратки, искористени се 91,65 отсто од дозите од Фајзер, 89 проценти од Модерна, 70,3 отсто од дозите од Астра Зенека и 79 проценти од Џонсон и Џонсон.

Претседателката на Националната комисија за вакцинација Мариа Теодориду, на почетокот на прес конференцијата изрази сочувство до семејството на 44-годишна жена од Крит која почина откако појави тромбоза, по вакцинација со вакцината на Астра Зенека.

Back to top button
Close