Цената на македонската незрелост

Деновиве во етерот одекнаа информации за промена на имиња на постоечки училишта и нивно преименување со имиња на луѓе коишто работеле против создавањето на македонската држава! Стравувам дека и катадневно се работи и на преименување на имињата на улиците во сите градови и села низ цела Македонија.
Најнапред прашувам, зошто се врши промена на имињата на постоечките училишта, како на пример во општина ,,Гази Баба”, каде основното училиште ,,25 Мај” е преименувано во ,,22 Ноември” –  денот на албанската азбука? Многумина како мене 25 Мај е датум кој го доживувавме како Ден на младоста, како аманет од бившата СФРЈ. Штафетата на младоста со сиот младешки ентузијазам  носеше елан  од Вардар па до Триглав. Се создаваше и ширеше силна социјална и општествена комуникација меѓу младите од тогашните шест сојузни републики и двете автономни покраини. Денес, кај многумина веќе одамна не се почитува таа историја,  бидејќи се поврзува со комунистичкиот систем на владеење.
Да, денот беше посветен и на роденденот на Маршал Тито. Тој ден го доживувавме  емотивно, со радост, восхит и почит. Беше престиж да се  учествува на спектакуларните слетови кои се одржуваа на големите стадиони.  Ние младите, ,,омладинци и омладинке” живеевме својот живот,  без политичко оптоварување, во безбедна држава со загарантирано бесплатно образование и здравство. Целата бивша СФРЈ ја доживувавме како една држава, а не како сојуз на шест републики и две покраини. Со промената на името на училиштето во општина ,,Гази Баба” се ништи еден минат период, кој што денешните модерни историчари го сметаат за диктаторски. Цели 45 години ,,Денот на младоста” се празнуваше секоја година! Меморија за мирен, спокоен и убав живот, не се брише. Кога ќе споредам каков живот сум имал во бившата СФРЈ како Македонец и како живеам сега, во денешна независна Македонија, ќе ми простите, има драстична разлика во нашиот углед низ светот. Почитта за нас и за мене  како Македонец, ја снемува. Се брише. Баш како имињата на улиците.  Во некогашна СФРЈ бев почитуван на светско ниво само како Македонец. Денес како Македонци немаме никаква почит во светот, особено од страната на нашите соседи и водечката сила кон која тежнееме, ЕУ. Цела Европска заедница нѐ доживува како питачи и коленичари, кои бараат и изнудуваат помош. Таквиот пристап нема мрвка достоинство, а слабоста ни ја користат нашите соседи кои се трудат од петни жили да нѐ уништат како нација.
Повеќе од очигледно е дека и ние самите си ја ништиме нашата државотворност,  стекната  во 1945 година. Нашата крвава  независност ја стекнавме со положување  илјадници жртви  за денешната Македонија. Паднатите жртви во Втората светска војна се бореа против фашизмот (таканаречените администратори) кои владееја  во Македонија, како ипротив таканаречените домашни колаборационисти кои соработуваа со тогашните фашисти и нивните “администратори”.
Во Општина Студеничани се отвара ново основно училиште. Ќе го носи името на бившиот  колаборационист кој во Втората светска војна го подржувал фашизмот и бил соработник со ,,администраторите”. Станува збор за Азем Морани, осуден за дела против создавање на нашата независност. Со ваквиот чин ги понижуваме паднатите борци за независна Македонија! Ги понижуваме и плукаме по нивните имиња и идеали за независна Македонија. Со ваквиот чин покажуваме понизност.
Разбудете се Македонци!
Будењето не значи вербално  јакнење на македонскиот национализам со кој поткопуваме  немир со останатите етнички заедници со кои што живееме. Будењето е освестување. Избистрување од  заспаноста и мамурлукот. Будењето е  зајакнување на нашиот национален идентитет на ниво на респект  од сите етнички заедници со коишто живееме во Македонија и секаде низ светот . Ако не се почитуваме, не  очекувајте дека ќе нѐ почитуваат.
За време на мојот мандат како Градоначалник на Град Скопје од 2005-2009,  стигна предлог од тогашната влада предводена од Г-динот Груевски,  да го менувам името на Гимназијата ,,Јосип Броз – Тито”. Овој предлог го одбив. Причина за ваквиот став е искуството кое го стекнав живеејќи во Виена полни 20 години. Во Виена, до ден денешен, во епицентарот на градот, стои споменикот на советски војник. Ниту една влада или градоначалници не помислиле  да го тргнат или преименуваат  грандиозниот споменик.
Нивниот одговор и денеска гласи: ,,ТОА Е НАШАТА ИСТОРИЈА”, наше минато! Советски Сојуз денеска не постои, ама советскиот војник во Виена  и понатака постои.
Не треба и не смее  да се  бега од историјата. Од нејзе треба да учиме како да градиме уште подобро општество за сите граѓани во светот.
Луѓето кои се жртвувале за создавањето на нашата независност  се наш света историја. Недозволиво е  нивните имиња да се заменат! Во дадениов случај вината за ваквото нешто што ни се случува ја гледам во актуелната влада на РМ.
Вратете ни го името на училиштето ,,25 Мај”! Тој датум е  симбол за еден минат, но респектабилен  и прогресивен живот.
Разбудете се! Влада на Р.Македонија, дали се слушаме?!
Ви дадовме поддршка да ја водите државата, без право на повторување грешки!  Потези кои во основа значат самоуништување на  крваво создадената независност,  не смеете да дозволите. Цената на незрелоста долгорочно ќе се плаќа…
Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close