Цените на нафтата се удвојуваат поради конфликтот во Иран

Светот се соочува со енергетска криза од невидени размери. Министерот за енергетика на Катар, во интервју за „Фајненшл тајмс“, изнесе црно сценарио според кое цената на нафтата би можела да достигне неверојатни 150 долари за барел во следните две до три недели доколку конфликтот во Иран продолжи.

Моменталната состојба на берзите е веќе алармантна. Цената на нафтата од типот „Брент“ денеска се движи меѓу 84 и 86 долари, додека американската „WTI“ е околу 80 долари. Ова е скок од речиси 20 долари за само една недела – најголем неделен пораст од 2022 година наваму.

„Дури и војната да заврши веднаш, на Катар ќе му бидат потребни недели, па и месеци, за да ги врати нормалните резерви и испораки“, предупредува катарскиот министер.

Причината за овој вртоглав раст е блокадата на Ормутскиот теснец, клучната точка низ која минува 20% од светската нафта, а која моментално е речиси целосно парализирана поради воените дејствија.

Back to top button
Close