Центар за нови иницијативи во уметноста и културата

 

 

Локомотива, Скопје ве кани на изложбите „Кривични дела против животот и телото“ на Симона Манчева и „Невидливост на присуството“ на Зорица Зафировска кои се настанати како дел од програмата Уметност Институција Политика Тело/УПИТ на Локомотива со која се поддржува истражувачкиот уметнички процес на овие две уметници во текот на една година. Во рамки на оваа програма Локомотива се бави со критички промислувања во уметничкото поле, и социо-политичките економските, еколошките и другите влијанија на и во него. Со таа цел, отвора заеднички процеси со културните работници и уметниците и дава простор за промислување,  делување и творење. Уметничките имаа можност да го прошират своeто истражување и да го формулираат во свои дела кои ќе бидат изложени на 11.11.2022 година во Музејот Галерија Кавадарци.

Симона Манчева својата идеја за ова дело ја развива и во рамки на едукативната програма „Курирање во контекст“ 2021 година, во организација на Локомотива, како и самостојно, додека Зорица Зафировска ова истражување го надоврза на веќе постоечкиот процесен (долготраен) истражувачки проект кој го претстави за време на пандемијата  на социјалните платформи и мрежи во рамки на АКТ проектот и програмата на Локомотива во 2020 година.

Спојувањето на овие уметнички дела е тематско, но и во уметничките постапки кои се политичко-уметнички, односно двете уметнички истражуваат и рефлектираат во јавниот простор, за и околу теми поврзани со пост-хуманото, односно дестабилизирањето на екосистемите, капиталосцената и нејзиното влијание на животната средина, екстрактивирачките процеси и нивното влијание на животот на луѓето и другите битија, како и грижата, заедницата и обединувачките процеси во креирање на нови социјални имагинарии. Двете истражуваат и ги архивираат одредените процеси каде се бават со овие теми и преку објекти, перформанс и инсталации ги изложуваат во јавен и галериски простор.

На 10ти ноември, 2022, во 18:00 часот ќе се одвива перформансот на Симона Манчева во јавен простор, односно во реката “Луда Мара” во Кавадарци, каде Симона ќе постави четири скулптури направени од различни материјали (метална арматура, жици, кабли, редимејд предмети, коноп, рециклирана хартија, јаглен итн.) и ќе интервенира на нив.

На 11ти Ноември, 2022 во 18:30 часот во Музејот Галерија Кавадарци – Отворање на изложбите

Симона Манчева ќе ги изложи во Музејот Галерија Кавадарци скулптурите кои ќе бидат поставени во јавниот простор во реката во Кавадарци претходниот ден. Во рамки на ова изложување во музејот, Симона ќе има и 20 минутен перформанс.

Зорица Зафировска ќе го претстави новото дело, видеото „Невидливост на присуството“ како диптих, – инсталација, – заедно со првиот запис „Порасни ме, навади ме, погали ме”. Во првиот видео-документ „Порасни ме, навади ме, погали ме” Зорица ја забележува брзата урбанизација на градот и зголемената потребата за враќање на грижата за јавните зелени површини, додека како контрапункт на тој процес се јавува новото истражување и видео запис „Невидливост на присуството“ каде се забележува грижата и негрижата на пределите кои се далеку од урбанизацијата, и каде се практикуваат методи и знаења со кои се реосознава средината во која живееме ние со другите битија.

За време на изложувањето тие ќе имаат и дијалог кој симболички ќе ја претстават непојавноста на дијалогот за и околу овие теми во јавноста, а исто така ќе го образложат процесот на истражување и творење.

***

„Кривични дела против животот и телото“ на Симона Манчева претставува надовразување на досегашна уметничко-истражувачка работа на Симона, а е поврзано со нејзиното поле на интерес, односно средината во која живее, односно (не)грижата на заедницата за неа. Во своите дела таа се обидува да ги истражува како проблемите на егзистенција и деградираниот систем на вредности влијаат на нарушување на физичкото и менталното здравје на сожителите. Во својата уметничка практика таа говори како капиталосцената, односно оријентираноста кон акумулацијата на капитал ги нарушува материјалните и базичните услови на живеење кои влијаат врз здравјето: несоодветните услови за домување, неадекватното и неконтролирано затоплување и загаденоста на животната средина. „Колку вреди човечкиот живот?“, е прашањето кое се протега низ нејзините истражувања и дела, односно како некрополитичкиот однос на криминогените владеачки структури влијае на средината во која живее.

Таа вели дека гледано од социолошки и криминолошки аспект, кривичните дела против животот и телото се најелементарниот облик на криминалитет. Истражува во нашиот правен систем, кој вели дека денес се разликуваат два вида на кривични дела, и тоа против животот и телото – природни и законски. Или како што Гинтер Кајзер вели: „Природните кривични дела за разлика од т.н. законски крвични дела (чие инкриминирање во законот зависи од општественото уредување во земјата), претставуваат такви дела, кои по својата суштина отсекогаш биле и ќе бидат кривични дела, без разлика на сите промени во историска смисла и развојот на човековото општество.“ (Г. Кајзер, Криминологија, Александрија, Скопје, 1996, 319 )

Природните крвични дела, кои се дела против животот и телото, во општеството се прифаќаат како последица на генетските предиспозиции, а не на начинот и условите во кои живееме. Таа смета дека иако предиспозициите се значајни, начинот на живеење и животната средина во голема мерка влијаат на квалитетот на општото здравје, на повреди и болести. Она што е важно за неа е како заедницата се грижи за овие состојби, и како одговара на состојбите кои ја нарушуваат општата состојба на заедницата и на поединецот во неа. Кој се грижи за колективното здравје, таа прашува, и укажува дека грижата за колективно здравје е прашање на проактивно делување заедно.

***

„Невидливост на присуството“ Зорица Зафировска

Делото „Невидливост на присуството“, реализирано како видео-документ е дел од тековниот проект „Градини на љубов, грижа и запоставеност (Порасни ме, навади ме, погали ме)” на Зорица Зафировска. Како дел од проектот првото видео со истиот наслов беше прикажан на социјалните мрежи и платформи во 2020 година.

Во 2022 година во рамки на програмата Уметност Институција Политика Тело/УПИТ Зорица го продолжува своето истражување во текот на годината, во кое вклучува интервјуа, архивски истражувања, истражувања во регионот на слични теми, а истите ги спојува и во резиденцијата „Драматургии во пејсажот“ организирана од продуцентката во културата, кураторката и драматург Кристина Тодороска Петреска. Таму заедно со другите уметници го проширува својот истражувачки опус, каде набљудува, и својата уметничка постапка ја развива во однос и во согласност со присутните, со природата, односно локалните предели, животни, жители, каде се обидува да не остави траги, туку да учи, забележува, истражува, разменува, споделува и да документира.

Зорица ja истражува невидливостa, во интеракција со локалната средина и нејзините жители, растенија, животни, птици и луѓе, а невидливоста ја практикува и делумно е произлезена од локални знаења, кои се сеуште не се експлоатирани од забрзаниот начин на живеење. Таа се обидува во пракса да ги воведе начините на интеракција  во која „западната наука е моќен начин на знаење, но не е единствениот“, според Робин Вол Кимерер. Таа низ своите создавачки процеси, се обидува да учи за заборавени методи и знаења преку кои вистински може(ме) за ја осознаеме средината во која живееме.

Видео документот претставува запис во рамки на кој се прикажува тивкиот живот на средината и гласноста на нејзините човечки жители снимени на повеќе локации во селото Вишни и кои споделуваат искуства и мислења за состојбата во селото, можностите за негов развој и опстанок, нивната интеракција селото – град и интеграцијата и учеството на граѓаните и проблемите и предизвиците со кои се соочуваат во нивното одржување. Во видеото е вклучен и перформанс на кој учествуваат Тијана Цветковиќ, Кристина Тодороска Петреска, Александра Нестороска, Кристијан Томановски и Милко Нестороски и Зорица Зафировска.

*****

Оваа изложба и истражувањето на Симона Манчева и Зорица Зафировска cе дел од програмата УПИТ на Локомотива која е поддржана од Општина Кавадараци, Музеј галерија Кавадарци и Министерството за култура на Северна Македонија.

 

Back to top button
Close