Центарот за култура во Дебар одбележува 50 години постоење
Националната установа, Центар за култура – Дебар утре одбележува половина век од своето постоење.
-Нашата установа го одбележува своето 50-годишно постоење. Овој значаен јубилеј ќе го одбележиме со изложба на фотографии, преку кои се потврдува 50 годшното постоење и богата активност. На настанот ќе присуствуваат и ќе се обратат министерката за култура Ирена Стефоска и градоначалникот на Дебар Хекуран Дука. Ќе присуствуваат и поранешни и сегашни вработени и соработници, изјави за МИА, Зинче Мимидиноски, директор на центарот, кој исто така ќе се обрати на свеченоста.
Мимидиносвски кој долги години е дел од оваа установа и е познат композитор на македонската музичка естрада е најзаслужен за одржување на повеќе фестивали, кои веќе се традиционални, организатор е на многу ликовни изложби, со посебна нагласка да им се даде можност на младите таленти.
Инаку, во рамки на оваа установа функционирале повеќе работни единици: Работнички унверзитет, локалната радио станица- радио Дебар, градската библиотека, градското кино, како и ресторан, чии вработени секогаш ја помагале активноста на секоја од нив.
Центарот за култура почна со својата активност во 1971 година и во изминатиот период стана главно место каде се одвиваат сите културни настани, кои ги посетуваат и жители од соседните општини.
Објектот е дар од жителите на Скопје, во знак на солидарност по катастрофалниот земјотрес што го погоди Дебар на 30 ноември 1967 година.