Центарот за светско наследство на УНЕСКО препорачува: Охридскиот Регион да се стави во светски наследства во опасност – не се прави доволно

Во предлог-одлуките, Центарот, врз основа на анализите на извештаите на експертите кои во неколку наврати го посетиле регионот, оценува дека некои препораки во текот на изминатите шест години се целосно спроведени, неколку се само делумно или недоволно спроведени, а голем број од нив воопшто не се земени предвид

Конечната одлука ја носи Комитетот за светско наследство составен од 21 земја- членка кој ќе заседава од 16 до 31 јули годинава

 

Ги поздравуваме напорите направени од двете држави-членки да започнат со спроведување на препораките на Комитетот и особено се нотираат подобрувањата во правни процеси и управувачки структури, привремено запирање на издавањето градежни дозволи во Северна Македонија и уривање на некои илегални структури и во Северна Македонија и во Албанија како и создавање на прекуграничен Комитет за управување со сливното подрачје и заложба за иницирање на прекуграничен дијалог за делницата од Струга до Лин во рамки на железничкиот проект за европскиот коридор 8.

Ова е само една од препораките која Центарот за светско наследство на УНЕСКО за му ги достави на Комитетот за светско наследство за состојбата со Охридскиот регион, во пресрет на сесијата што ќе се одржи од 16 до 31 јули.

Во предлог-одлуката (14 точки), Центарот врз основа на анализите  на извештаите на експертите кои во неколку наврати го посетиле регионот чиј клучен елемент е Охридското Езеро кое го споделуваат двете држави, оценува дека некои препораки во текот на изминатите шест години се целосно спроведени, неколку се само делумно или недоволно спроведени, а голем број од нив воопшто не се земени предвид.

Загриженост се изразува во однос на наодите од заедничката Реактивна мониторинг Мисија на Центарот за културно наследство ИКОМОС /IUCN која во однос на нашата земја го забележува следново:

„Во однос на Северна Македонија, немаше доволно активности за запирање на бавната ерозија на атрибутите од Исклучителна универзална вредност (ОУВ) во урбаната средина и поширокиот пејзаж што произлегува од несоодветната конзервација, реконструкција и развој, ниту пак, да се разгледаат алтернативните планови за големите проекти во врска со изградба на пруги и патишта“, се вели во препораката на Центарот кој има улога на секретаријат.

Во однос на Албанија, пак, се посочуваат акутните ранливи точки што беа забележани и претходно, а се однесуваат на продолжување на нови и нови проекти и планирани дејства што можат да бидат многу штетни за езерското крајбрежје на кое веќе му е нанесена штета и на полуостровот Лин.

Сериозна загриженост за Центарот се и заклучоците од мисијата во 2020 година, која забележа високи згради близу езерото, слабиот архитектонски квалитет на изградената објекти (особено во Охрид, Струга и Поградец (тампон-зона), но исто така и покрај крајбрежјето надвор од урбаните центри) и несоодветната и прекумерна употреба на крајбрежната зона за туристичка инфраструктура, кои се смета дека имаат многу негативно влијание врз Исклучителната универзална вредност на областа.

Забелешките се и на тековниот процес за прогласување на Охридското Езеро за Споменик на Природата во Северна Македонија, вклучително и развој на студија за валоризација, како и прелиминарна одлука за прогласување на каналот Студенчишта за парк на природата, при што се бара од властите во Северна Македонија да осигура дека овие процеси се целосно интегрирани во други релевантни процеси на управување и планирање и се насочени кон зајакнување на целокупно управување со овој простор, вклучително и преку воспоставување на функционирање структури за управување.

Следната загриженост на Центарот е дека и покрај неодамнешните иницијативи, се чини дека системот за управување сè уште не е целосно во функција за заштита на исклучителните универзални вредности поради спротивставени приоритети и има слаба имплементација на правната рамка, мала вклученост на граѓанскиот сектор, што се заедно доведува до фрагментирање на системот за управување.

Исто така, Центарот смета дека поради ваквата повеќегодишна негрижа, ќе бидат потребни значителни здружени напори подолг временски период. И покрај актуелните постапки за запирање на одредени активности, кои се поздравуваат, тие не се доволни и на нив може да се гледа само како на почеток на многу подолг интегриран и стратешки процес, што останува да се дефинира.

Понатаму, се констатира дека уништувањето на елементите на наследството со децении, заедно со континуираното влијание на развојот во двата дела на прекуграничниот регион, претставуваат реална и потенцијална опасност за имотот според параграфите 179 и 180 од Оперативните упатства.

Во 11 – та точка, Центарот препорачува, Комитетот да потврди дека донел одлука, природното и културното наследство на регионот на Охрид (Албанија и Северна Македонија) да се стави на листата на светско наследство во опасност.

Во препораките се апелира до двете држави да развијат детален Стратешки план за обновување со придружен акционен план на фази во кој ќе се утврдат јасно дефинирани цели и резултати за ублажување на заканите за ОУВ на краток и подолг рок, како и етапнен план, заснован врз целосните препораки на мисијата од 2020 година, и кои би обезбедиле сеопфатна прекугранична политичка и институционална рамка за решавање на сериозните закани со кои се соочува регионот.

Исто така, се бара од земјите, во консултација со Центарот за светско наследство и Советодавните тела, да развијат предлог за посакувана состојба на конзервација и за отстранување на регионот од Списокот на светско наследство во опасност и збир на корективни мерки, вклучително и временска рамка за нивно спроведување.

И на крајот, од земјите-членки се бара, до Центарот за светско наследство, до 1 февруари 2022 година, да достават ажуриран заеднички извештај за состојбата на зачувување на имотот, вклучувајќи извештај за напредокот постигнат во спроведувањето на споменатите препораки, кои Комитетот за светско наследство ќе го разгледа на 45-та седница кја ќе се одржи во 2022 година.

УНЕСКО го објави извештајот на Реактивната мониторинг мисија која го посети Охридскиот Регион во јануари минатата година. Овој извештај првично беше објавен како нацрт-верзија, но откако државните институции имаа право да достават коментари на верзијата сега УНЕСКО и официјално го објави на нивната вебстраница.

Во извештајот се забелешува дека Охридскиот Регион заслужува да се впише на Листата на Светско природно и културно наследство во опасност зашто во последните три години не се завршени задолженијата побарани во 2017 година.

Back to top button
Close