Централниот одбор на ЛДП ме поддржува – немаше потреба пак да дебатираме, вели Милевски

Министерот за локална самоуправа и претседател на ЛДП, Горан Милевски, во изјава за Локално реагира на дописот кој беше објавен, а во кој Филип Аврамчев, членот на Централниот одбор на партијата, вели дека Милевски самиот, без согласност и одлука на партијата, се предложил за министер во Владата.

-Притоа, во овој период никој не покренал прашање за преиспитување на коалицијата со СДСМ, ниту пак го довел во прашање мојот легитимитет да бидам дел од оваа Влада и затоа раководството на ЛДП проценило дека нема потреба повторно да дебатираме за тема, која за нас не е проблематична. Ние сме во коалиција со партија, а не со поединци и затоа промените кои се случуваат во СДСМ, нас не нѐ интересираат. Но, доколку ете, еден член смета дека треба уште еднаш Централниот одбор да го потврдува учество на ЛДП и моето во Владата, ние тоа задоволство ќе му го овозможиме и уште оваа недела ќе закажеме седница на Централниот одбор на која ќе побарам нова доверба од членовите, за која не се сомневам дека ќе ја добијам, објаснува Милевски.

Тој вели дека партијата никогаш не била пообединета и поконсолидирана и затоа последните „напади кон него како личност проследени со целосни невистини во кои на највулгарен начин се вовлекува и се дискредитира неговата фамилија“, се за секоја осуда.

-Во политичката битка мора да има граници кои не смеат да се пречекоруваат, особено ако трпат недолжни луѓе кои немаат никаква врска со политиката. Јас разбирам дека дел од луѓето ги изгубиле позициите и привилегиите а следува партиски Конгрес на кој секој треба да даде отчет што работел во овие четири години и затоа нервозата се зголемува, но сепак нема функција која е вредна да се гази по честа и достоинството на луѓето само да се остварат лични интереси, вели министерот.

Back to top button
Close