Центрите на моќ на Мицкоски
Ерол Ризаов
Конечно да се согласам за нешто со премиерот Христијан Мицкоски, ако е точна веста дека изјавил „во јануари 2026 година ќе продолжат преговорите со ЕУ.“ Веста се појавила на некој портал и брзо ја снемало, што предизвикува оправдан сомнеж дека е новинарска патка, или пак се работи за уште една предизборна лага наменета за тие кои навистина сметаат дека членството во ЕУ е најголемиот државен интерес.
Како и да е значајната вест не предизвика некое поголемо внимание ниту во медиумите, ниту во јавноста. Јануари е за три месеци, па ќе видиме дали е тоа само уште едно ветување за радување на будалите.
Затоа, пак, една друга информација искажана во живо од премиерот предизвика големо внимание кога јавно соопшти дека центрите на моќ се тие што не сакаат да ја видат Македонија како успешна држва, кои сакаат да биде поразена и да не напредува. Ваууу. Какво искрено признание на најмоќниот човек во земјата кој има апсолутна власт и ги држи во свои раце сите механизми за управување со државата.
Тоа е човекот кој ја контролира Владата, сите министерства, мнозинството во Собранието, претседателот на држвата, најголемиот број општини и сите институции на системот. Ваков напад на искреност од еден премиер досега не сме чуле, ниту виделе. За да нема забуни премиерот во интервју за Алсат прецизираше: „Центрите на моќ се тие кои не сакаат да имаме стабилна состојба која ќе се развива, држава која ќе ниже успеси и ќе расте екононмски, каде ќе владее правото, ќе нема корупција и криминал како што се случуваше во изминатите 15 месеци.“
Милина една од сите страни
Каков грандиозен успех само за 15 месеци, точно откако тој е премиер и ВМРО ДПМНЕ на власт. Сигурно на своја кожа ги чуствувате последиците од економскиот бум што не снајде како гром од ведро небо, секој ден се соочуваме со резултатите од владеење на правото, повеќе нема корупција и криминал. Милина една не облева од сите страни.
За големите достигнувања во изминатите 15 месеци што не и успеа на ниедна влада за 35 години не му требаше на премиерот. Ептен се гледа лагата. Веројатно нешто му се испушти во неговата хронологија. Но, добро што веднаш се подисправи кога како од топ кажа: „Тие сакаат да ја видат онаа Македонија од пред седум години, понижена, ограбена, засрамена, со политичари кои се моделираат, со свиткани кичми. Тоа се тие центри на моќ“.
Што да се каже на ова освен браво премиере, алал вера. Се е точно и на место кажано за центрите на моќ внатре во државата. Колкава лага е она што го постигнала власта да го санира и спаси само за 15 месеци од тие што уништиле и ограбиле за седум години ќе се дознае откако ќе ги изгуби своите центри на моќ. Немаше да згреши да кажеше 35 години, наместо седум. А, ако сакаше да истакне некој период посебно, тоа е времето на заробената држава во ерата на „груевизмот“ од 2006 до 2017 година. Најцрниот период во историјата на независноста на Македонија. Цели 11 години.
И на најлогичното прашање кои се конкретно тие центри на моќ провидно се извлече дека не сака да прејудицира и да ги лоцира географски. Тоа што се однесува на домашен терен, во државата, за блокадите од нашите домашни центри на моќ го препушта на правосудниот систем за кој и тој лично и неговите министри и партиски јастреби секој ден по стопати повторуваат дека обвинителствата, судиите, целиот правосуден систем е корумпиран и дека имаат нула доверба во јавноста и дека се најголемата пречка што виновниците за сите зла во земјата не се во затвор.
Со други зборови, не ги слушаат неговите, на владата и на партијата наредби кој треба да биде суден и осуден, а кој треба да е на слобода, според врховниот партиски и медиумски преки суд.
Не е тешко да се погоди кој кочи
Е, па ајде да видиме и според реалната ситуација во земјата и според законите и уставот кој е надлежен и кои се центрите на моќ во нашата карикатурална парламентарна демократија, каде е нарушен основниот принцип на поделбата на власта и кои институции се независни во својата работа, ако воошто има такви во Македонија. Кој ја има моќта Македонија да не биде успешна европска држава. Дали е тоа премиерот, владата, министерствата, полицијата, Собранието, претседателот на државата, институциите на системот кои одлучуваат самостојно во рамките на своите надлежности, или според партиски наредби. Дали се тоа некои моќни поединци од сферата на бизнисот и крупниот транзициски капитал стекнат во сомнителни и коруптивни зделки и тендери.
Дали се тоа тие кои ги блокираа преговорите со ЕУ и беа против членството во НАТО, кои и своите осум пратеници што гласаа за уставни измени, по што станавме членка на НАТО, ги прогласија за предавници. Дали се тоа тие кои поради компромисните договори со Грција и со Бугарија ја кренаа на нозе Македонија прикажувајќи ги како велепредавство, загрозување на националните интереси на идентитетот, на јазикот. Дали се тоа тие кои не ги спроведуваат реформите како предуслов за членство во ЕУ и се друго што значи да се биде во европското семејство. Ако се тие, тогаш не е тешко да се погоди кој стои на чело на оваа петта колона која ја уништува иднината на Македонија.
Гледано, пак, географски за центрите на моќ, како што вели премиерот, ни остава да погодуваме на кого мисли. Дали се тоа голмите сили Америка, Русија, Кина или пак моќните западноевропски земји, или пак мисли на комшиите Грција и Бугарија.
Не е за верување дека е Америка откако Мицкоски седна во првиот ред и воспостави со американскиот претседател Доналд Трамп посилно пријателство од стретегиското партнерство што го имаме со САД и што сме сојузници во НАТО. Не верувам дека мисли и на Русија иако министерот Сергеј Лавров не опомена дека со влезот во НАТО Македонија се става во линијата на огинот. Со Кина имаме стабилни односи уште од времето на признавањето на Тајван. Премиерот сигурно не заборавил и на она од прислушуваните разговори кога Никола Груевски го прашува својот министер „дали 20 милиони евра се многу, или малку“ како мито што треба кинезите да платат за изградба на автопатот Кичево – Охрид. Уште помалку се земјите на Западна Европа, членки на ЕУ, кои трошат милијарди евра како поддршка на Македонија да ги оствари реформите и да го фати последниот воз со Црна Гора и Албанија.
Апсолутна власт апсолутно расипува
Значи, останува да се префлиме на регионалните центри на моќ. За Преспанскиот договор со Грција е нејасен ставот на Мицкоски. Кога беше лидер на опозицијата жестоко најави поништување на тој „срамен“ договор. Откако стана премиер малку омекна, па даде две различни изјави. Во една кажа дека Договорот со Грција е добар и треба таков да имаме и со Бугарија, за потоа да изјави дека е наметнат и треба да се направи подобар.
Останува само Бугарија како центар на моќ која не сака да ја види Македонија како успешна европска држава. Премиерот често повторува дека не е проблем Бугарите да влезат во Уставот. Голем проблем се немањето гаранции дека ќе нема нови вета и блокади од бугарска страна. Бара нешто што не може да го добие. Договорот за добрососедство е усвоен и неговите одредби се влезени во преговарачката рамка со ЕУ. Зошто Бугарија би ги одблокирала нашите замрзнати преговори со ЕУ, ако ние сами сме ги блокирале и ако и целта на Бугарија е Македонија да не биде успешна држава и членка на ЕУ по своја вина.
Испадна работата за центрите на моќ кои ја кочат Македонија дека тие се во земјата. Во врвот на власта. Кога за нив зборува премиерот Мицкоски тој само си ја брка работата како што му кажале стратезите за предизборни кампањи, за престојните локални избори. Плаши ги луѓето со центри на моќ дома и во светот така се одржува тензијата на велепредавства за загрозените национални интереси. Тоа е добра доктрина да не се видат катастрофалните промашувања во изминатите четири, осум години во општините каде владее ВМРО ДПМНЕ.
За само 15 месеци домашните центри на моќ постигнаа речиси целосна изолација на Македонија. Тоа е нивниот најголем успех.
Дали премиерот има некои сознанија што ќе се случува во државата кога за две -три години Албанија и Црна Гора ќе влезат во ЕУ, а Македонија ќе ја исфрлат и од чекалната поставувајќи уште потешки услови. Тоа што е сега гордост и достоинство да не се прават компромиси и да нема консензус за членство во ЕУ многу бргу ќе стане разочарување кога последиците од ваквата политика многу посилно ќе ги почувствуваат граѓаните. Достоинството и гордоста ќе прераснат во револт во Македонија, вратена 25 години назад.
ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски упорно го отфрлаат единствениот спас на Македонија да биде успешна држава со остварени реформи, а тоа е консензусот на сите релевантни политички партии. Со направените отстапки во договорите со соседите Македонија ништо не загуби и нема да загуби од своите идентитетски посебности освен скапоценото изгубено време, неизградената инфрструктура, десетици милијарди евра и жртвуваните генерации. Од консензусот за односите со соседите кои произлегуваат од договорите со Грција и со Бугарија можеме да бидеме подеднакво незадоволни заедно со комшиите, или подеднакво среќни. Тоа е едно те исто.
Актуелните власти треба да остават работа и за идните генерации да го исправат тоа од што не сме задоволни. Во политиката нема трајни решенија, како што нема трајни пријателства, туку само вечни интереси. Македонија нема поголем интерес од членството во ЕУ.
Премиере, престанете да ширите антиевропска пропаганда со вашата обланда дека членството во ЕУ останува наша највисока стратегиска цел, а за тоа да се случи ништо, ама баш ништо не правите. Туку обратно кочите. Центрите на моќ се во ваши раце. Но, тоа има рок на траење. Апсолтна власт, апсолутно расипува и познато е како завршува. (nezavisen.mk)