Цепкало: Нема да можам да се вратам во земјата доколку на изборите повторно победи Лукашенко

Белорускиот опозиционер Валери Цекало, кој минатата недела избега во Русија откако му беше забрането да се кандидира на претседателските избори закажани за следниот месец, соопшти дека можеби нема да може да се врати во земјата доколку актуелниот претседател Александар Лукашенко победи и освои нов мандат.

Цепкало, поранешен амбасадор во САД и основач на успешен високо-технолошки развоен парк, се сметаше за главен предизвикувач на Лукашенко на изборите на 9 август. Но, пред две недели нему му беше ускратено местото на гласачкото ливче, пренесоа американските медиуми.

Други двајца врвни опозициски претставници беа затворени пред изборите – Виктор Бабарико, поранешен директор на банка и опозицискиот блогер Сергеј Тикановски, чија сопруга Светлана е единствениот опозициски кандидат на кого му е дозволено да се кандидира.

Цепкало, кој минатата недела пребега во Русија заедно со своите деца, за американските медиуми  денеска изјави дека добил предупредување за негово неминовно апсење и дека имало планови за одземање на родителските права и децата.

Лукашенка е на власт во Белорусија цели 25 години, во текот на кои редовно ги задушуваше сите несогласувања во земјата и замолчуваше независните медиуми. Истакнати политички противници често пати беа затворани, а понекогаш и на повеќегодишни затворски казни, наведуваат американските медиуми.

Back to top button
Close