Чадеж: Србија, Северна Македонија и Албанија, раст на трговската размена и единствен пазар на труд

Србија во првата половина од годинава ја зголемила трговската размена со осум земји од регионот за 34 отсто во однос на истиот период лани, изјави претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС), Марко Чадеж, јави дописникот на МИА од Белград.

Чадеж за ТВ „Блумберг Адриа“ изјави дека трговската размена со шест балкански земји, Хрватска и Словенија во првите шест месеци од 2022 година изнесува 4,7 милијарди евра.

– Размената со сите земји што ги споменавме расте, не за 10 или 20 проценти, туку за 34 отсто, рече Чадеж.

Зборувајќи за трговската соработка со Северна Македонија, тој рече дека во истиот период обемот на размена е зголемен за 28,2 проценти, додека со Албанија растот е 15 отсто.

Според него, растот е резултат на олеснета трговија и поедноставување на процедурите, а следна цел е трите пазари да станат единствен пазар на труд.

– Заеднички проблем на економијата на Западен Балкан е недостатокот на работна сила, па Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (КИФ ЗБ6) ќе ги повтори своите иницијативи до владите од регионот за поедноставување на процедурите за доаѓање на странски работници за да што е можно поскоро почне да функционира заедничкиот пазар на трудот, не само во рамките на земјите од Иницијативата Отворен Балкан, туку и во другите економии од Западен Балкан, изјави Марко Чадеж, се наведува во соопштението на ПКС.

Back to top button
Close