ЧАКМАК И СТИЛО

Да не ги завршија проектите што ни ги ветуваа пред четири години, па сега ни ветуваат нови?

Занесени од чакмаците и стилата, сме заборавиле што ни ветуваа истиве градоначалници во 2021 година и нивните лидери пред само петнаесет месеци. Па, лани гласавме. Имаат ли нешто ново да ни кажат? Оти снимиле нов спот? И нов билборд испечатиле?

Да не ги завршија проектите што ни ги ветуваа пред четири години, па сега ни ветуваат нови?

Еве на пример, има ли некој кандидат за градоначалник на Скопје, кој откако живееме во повеќепартиски систем, повеќе од триесет години нема ветено дека ќе го врати сјајот на скопската Стара чаршија? И со секои избори, Чаршијата не само што го губи сјајот, туку ја губи автентичноста. Уште отсега сум уверен дека и во 2029 година кандидатите за градоначалник на Скопје ќе ветуваат враќање на сјајот на Чаршијата.

Изборниве кампањи се како партиите да се пуштени на автопилот. Наполни автобусите, прошетај ги истите луѓе, подели им знаменца да мафтаат и аплаудираат, подели некој сендвич и пенкалца и ветувај паркови, градинки, клупи, базени, велосипедски патеки… Колку паркови ветија, нема да има место каде да ги сместат. Оти ги ветуваа и на минатите избори, ама во меѓувреме таму згради изникнаа. И градинки ветуваа, ама во меѓувреме родителите и на неродените деца се отселија.

Пробај само да слушаш што ветуваат и овојпат, ама да не гледаш кој зборува. Ќе ти се чини како да слушаш една долга реклама од иста партија.

Е како тогаш, кога само во нијанси се разликуваат во изборните ветувања, излезе толку голема омраза? На локални избори ќе одиме, а тие за живот или смрт се расправаат, се пукаат по улици, се тепаат по паркинзи, а на еден кандидат за советник во Виница од иста коалициона листа дури и главата му ја скршија.

Вистинско чудо е како во предизборие толку се мразат, ама кога ќе седнат во општинските Совети си се засакуваат. Штом почнат да го делат изборниот плен, забораваат сѐ што ветувале за општо добро.

Болните од рак на мозок по два месеца чекаат резултати од магнетна резонанца на државната Клиника за радиологија.

Онколошките пациенти час имаат, час немаат терапија. Се повторуваат истите тажни приказни: има лек, нема лек, распишан е тендерот, не е завршен тендерот, тече рок за жалби, има замена, нема замена…

Зошто е сѐ исто? Нели ветуваа промени? Каде се промените? Мислевме дека кога ветуваа промени знаат како да ги направат. Поминаа 15 месеци. Ќе поминат и овие избори. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека кога ќе се видат резултатите од Локалните избори, можеби ќе размислува за предвремени Парламентарни избори. Пак пенкалца, пак тефтерчиња, маички, капи, и уште десетици милиони евра фрлени на празни зборови. И дополнително изгубено време за макар малку да почне да се оправа растуренава држава.

Нека прошетаат малку министрите и директорите на јавните институции по болниците. Ама не меѓу лекарите коишто во работно време му аплаудираат на некој кандидат за градоначалник дека ќе им санирал потпорен ѕид зад Клиничкиот центар, туку меѓу пациентите што чекаат по ходниците. Да ги прашаат дали ним им е дојдено до пенкалце и запалка. Наместо ќесички, нека им делат ваучери со термини за преглед.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close