Чанта „Ермес Биркин“ проценета на 240.000 – 440.000 долари пред наддавањето

Чанта „Биркин“ во сопственост на глумицата и пејачка Џејн Биркин, која го инспирираше името на модниот додаток, се очекува да достигне цена меѓу 240.000 и 440.000 долари (околу 205.000 – 380.000 евра) на претстојната аукција.

На аукција во живо во Абу Даби на 5 декември, една од нејзините чанти ќе биде продадена под назив „Ле Биркин војажер“ (Le Birkin Voyageur) – што е навод т.е. порака во чантата, напишана од самата глумица. Биркин ја носеше од 2003 до 2007 година, кога беше продадена на аукција. Дадена од „Ермес“ на Биркин во 2003., оваа црна „Биркин“ чанта беше една од четирите што уметницата ги користеше откако првпат во 1994 година ја продаде својата оригинална чанта, соопшти аукциската куќа „Сотби’с“.

Ова уследи откако оригиналната „Ермес Биркин“ беше продадена за 8,6 милиони евра во јули – станувајќи највредната чанта што некогаш била продадена на наддавање. Морган Халими, раководителка за чанти и мода во „Сотби’с“, рече дека тоа е огромна чест.

– Да се ​​претстават не една, туку две од личните чанти „Ермес“ на Џејн Биркин во една година е ништо помалку од историско. По рекордната продажба на оригиналниот прототип на „Биркин“ во јули, овој исклучително редок примерок им нуди на колекционерите интимна врска со жената од каде што потекна најзначајната чанта во светот. Ова не е само дел од историјата на модата, туку длабоко личен артефакт од културна и стилска икона чие наследство продолжува да инспирира, изјави Халими.

Класичната чанта, инаку, е дизајнирана за Биркин, која почина во 2023 година на 76-годишна возраст и беше позната по глумењето во француски и британски филмови од 1960-тите па наваму.

Чантата ќе биде понудена на наддавање како дел од Инаугуративната недела на колекционерите во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати, во соработка со Инвестициската канцеларија на Абу Даби. Наддавањето ќе се одржи на островот Сент Реџис Саадијат од 2 до 5 декември.

Фото: „Сотби’с“, Фејсбук

 

Back to top button
Close