Чао бела

ВМРО-ДПМНЕ го прошири списокот на причини зошто бара предвремени парламентарни избори. Најновата, а богами и најоригинална, е за да го спасат Скопје од Данела Арсовска, што беше нивен кандидат за градоначалник.

На парламентарни избори ќе го спасуваат главниот град од себе. СДСМ им е виновен за неспособноста на Данела. Им ја подметнале за кандидатка. А кога им викаа дека не плаќала струја во фирмите што ги работела, дека има бугарска лична карта, вмровското раководство се сликаше со успешната менаџерка, „мајката на градот“, и ја пееше „Бела чао“… Е па, чао бела! Сега, белјата е веќе направена. Скопјани ќе си ја трпат Данела уште три години. Ама на ВМРО-ДПМНЕ не им пречи што главниот град е парализиран. Болката им е во парите. ВМРО-ДПМНЕ отворено си кажа дека ако Владата ѝ ги преземе ингеренциите на Данела Арсовска за капиталните проекти во главниот град, ќе бидат ангажирани сдсмовски фирми.

Затоа Мицкоски бара парламентарни избори. Да победи ВМРО-ДПМНЕ па градските пари да одат за вмровски фирми. А каков квалитет за големи пари даваат вмровските фирми се гледа во центарот на Скопје. Се распаѓа Театарот. Се распаѓа Уставниот суд со Археолошкиот музеј. Се распаѓа Плоштадот. Се распаѓаат фонтаните. Се распаѓа МЕПСО. Се распаѓа фасадата на Владата…

Поминаа пет години откако Министерот за култура Роберт Алаѓозоски направи специјална стручна комисија за оценка на објектите од „Скопје 2014“, која предложи повеќето објекти да се урнат. Еве, се гледа дека, покрај тоа што се грди и нефункционални, тие се и небезбедни.

Не дај Боже, од еден краток спој со водата што протекува да избие пожар, од стампедо ќе се гине во Театарот. И да е само театарот. Повеќето владини згради од „Скопје 2014“ немаат технички прием. И што се случи? Пет министри за култура се сменија, Владата на СДСМ ја стави ревизијата на стручните лица во фиока.

Една, ама барем една судска постапка да истераа до крај на толку очевидни докази за крадење и неквалитетна градба. По пет години распаѓање на сите објекти, дочекаа уште и вмровците да им викаат „Не знаете ни да го окречите тоа што ви го изгради Груевски“. Не бе, дечки.

Оној театар што се распаѓа е толку нов што да беше добро направен уште немаше да му биде дојдено време за кречење. Крадено е. Без усул е крадено.

Во други земји ќе ги фатат политичарите за корупција, ама ќе им останат патиштата, железниците, аеродромите, пристаништата, државните објекти. Ние останавме и без пари и без театар, и без музеј, без Универзална сала, без пат кон Охрид, без железница, без пошта, без плоштад, без јавен превоз…

И без главниот крадец останавме. На СДСМ и тоа му успеа – и тој да им избега. Па сега нека им се нуди од Будимпешта да им кречи.

Целата колумна на Горан Михајловски на сдк мк

 

Back to top button
Close