„Чатам Хаус“: Високи сметки и ценовни шокови поради зголемената зависност на ЕУ од американскиот гас
Зголемената зависност на Европската унија од американскиот гас, кој ги замени руските испораки, ја остави европската индустрија изложена на високи сметки и ненадејни ценовни шокови, предупредува британскиот истражувачки центар „Чатам Хаус“ во својот најнов извештај.

Авторите наведуваат дека со ова е избегнат целосен колапс на енергетскиот систем, но предупредуваат дека основниот проблем не е решен, бидејќи ЕУ останува зависна од фосилните горива и изложена на ценовни флуктуации на светскиот пазар.
„Заменувањето на еден снабдувач на фосилни горива со друг не ја решава структурната ранливост на европскиот енергетски систем“, се вели во извештајот, предупредувајќи дека и индустријата и потрошувачите остануваат под притисок од високите и непредвидливи цени на енергијата.
Како што е наведено, таков модел на енергетска безбедност може да функционира на краток рок, но останува нестабилен на долг рок.
Авторите проценуваат дека ЕУ мора да го забрза преминот кон обновливи извори на енергија и електрификација ако сака поотпорен и предвидлив енергетски систем.
„Енергијата на ветерот и сонцето ја намалуваат потребата од увоз на гориво и со тоа директно ја зајакнува енергетската безбедност“, се наведува во документот, истакнувајќи ја посебната важност на електрификацијата на секторите кои во моментов најмногу зависат од гас и нафта, како што се: транспортот, греењето и индустриското производство.






