Чекајќи го ветрот  

На исклучително добра книга за деца се наидува прилично ретко.

Прочитувате десетици просечни, потоа неколку кои едноставно не може ниту има потреба да се дочитаат до крај. Потоа некои се прилично добри, но има некој предвлидлив тек на приказната и авторски техники.

И ретко, навистина ретко и често сослема случајно „ловите“ нешто исклучително. И во нашиот културен контекст и традиција на книжевност за деца и млади скоро секогаш е превод и често поминува прилично незабележано.

Веројатно бидејќи квалитетната книжевност ги лоцира и осветлува местата кои се идеолошки и социјални конструкции, кои сме ги впиле и сме прифатиле да не одредат. И дополнително, ако е доволно храбра, нуди и варијанти на живот кои излегуваат од рамката и пред кои традиционално конзервативните системи имаат одбивност и зазор.

„Чекајќи го ветрот“ на Оскар Крун во издание на Бегемот и во одличен превод на Родна Русковска е таква книга.

Низ приказната за осамено 13-годишно девојче кое посакува да биде морнар, наоѓа спокој на остров со дедо и во заедничката тишина и градење брод се отвора јазол исклучително комплицирани семејни односи.

Скандинавската ненаметливост во изразот, воздржаност од судење, патронизирачки педагогии создава позадина за приказна за отвореност и прифаќање на нештата кои не може да се променат. Суптилно води кон пораката дека „бурата“ колку и да е страшна не трае вечно, семејството и кога станува раштракано низ неколку различни куќи не ја „истрошува“ љубовта, но мора да е отворено да ги прифати своите членови во својата различност.

Паралелно се воспоставува амбивалентна релација помеѓу тивката и загрижена Винга и новото девојче Рут. Релација која од взаемна одбивност се трансфомира во пријателство и во еден миг наликува на вљубување. Крун одбива да ги категоризира релациите, туку остава простор за слобода во текот на еден летен распуст пријателствата да растат да се трансфомираат без да ги изложи на системот и неговата потреба да именува, категоризира и врамува.

Романот во 2019 година е награден со наградата Август (која ја доделува здружението на издавачи) во категоријата за најдобра книга за деца и млади и ккомисијата која одлучува ја става во категорија за деца на возраст меѓу 12 и 15 години, додека пак во Германија е препорачана за деца над 9 годишна возраст.

Својата одлука жири комисијата ја образложува вака:

„Има многу што да се сака во Чекајќи го ветрот. Пред се, леснотијата на јазикот, поетската густина и прецизноста во тонот. Но, и прекрасниот приказ на главниот лик Винга и нејзиниот дедо, двајца самци, прикажани со топлина далеку од какви било стереотипи. Силна, но сама, Винга расте низ работата на поправка на бродот, како и во продлабочената пријателска и љубовна релација со врсничката Рут.“

 

И неколку дополнителни препораки:

Се радуваме што Чекајќи го ветрот ја добива Августовската награда, бидејќи вака се пишуваат навистина добрите детски книги: внимателно и со лесни чекори, каде што секојдневните настани имаат поголемо значење и детето постои како дел од поголем свет. Шведските сликовници и книгите за млади долго време држат високо ниво, но овде Оскар Крун покажува дека дури и насловите за децата на колу 12/13 години можат да го надминат она што е вообичаено.

Лота Олсон, Дагенс Нихетер

 

Јазичните вредности на Крун, емпатијата, тајмингот, окото за прикажување и споредните ликови ја прават книгата прекрасна, како дрвен чамец направен со љубов кон секој детал од занаетот.

Даниел Сјолин

 

Без претенциозни заклучоци, од сите гореванедени причини, купете си ја на Саемот на книга.

 

Лени Фрчкоска

 

 

 

Back to top button
Close