Чернева: Повлекувањето на бугарскиот амбасадор Ангелов не помага во оваа ситуација

За политичките односи меѓу двете држави, кои изминатата недела се влошија, Чернева не смета дека се во ќорсокак, но вели дека во моментов се во период на тензии

Недопустливо е, кој и да е, да заплашува претседател на соседна држава, особено што е тоа од страна на европратеник. Се надевам на здравиот разум на двете страни и да се смират страстите, вели Чернева

Не мислам дека повлекувањето на бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов од Северна Македонија помага во оваа ситуација и дека тоа е најкорисен чекор, вели Весела Чернева, заменик-директорка на Европскиот совет за надворешна политика и советничка на поранешниот бугарски премиер, Кирил Петков, во интервју за Канал 5 телевизија.

 

„Имаме механизам за билатерална координација за избегнување на кризни состојби, кој предвидува двете министерства за надворешни работи и двете амбасади да работат кога има кризни ситуации. Не мислам дека повлекувањето на амбасадорот, макар и привремено е најкорисен чекор“рече Чернева.

Бугарското МНР го повика на консултации во Софија амбасадорот Ангелов поради сериозната состојба во однос на правата на Бугарите во Северна Македонија

За политичките односите меѓу двете држави, кои изминатата недела се влошија, Чернева не смета дека се во ќорсокак, но вели дека во моментов се во период на тензии.

„Тоа за жал се случува, ние сме биле сведоци на такви тензии и претходно многу пати, особено кога има избори. Но, не само за избори, има одредени радиклани групи од двете страни кои не испуштаат можност за ескалација и затоа е важно билатералните односи да се градат врз основа на доверба“,додава Чернева.

Во однос на прославата на 4 февруари и најавите дека тоа ќе биде настан од висок ризик, но и за индиректните закани за атентат кон претседателот Стево Пендаровски, Чернева нагласува дека и на двете страни има радикални групи, кои некогаш имаат и заедничка историска генеза.

„Тие радикални групи ги користат тие состојби. Секако недопустливо е, кој и да е, да заплашува претседател на соседна држава, особено што е тоа од страна на европратеник. Се надевам на здравиот разум на двете страни и да се смират страстите“,нагласува Чернева.

На прашањето дали има гаранции дека вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав би било последното барање на Бугарија, Чернева вели дека решението на Народното собрание од 24 јуни е многу јасно.

„Во него се кажува дека исполнувањето на условите од Билатералниот протокол, член 12, но и согласноста за впишување на Бугарите во уставот на Македонија ќе бидат услови за да може Бугарија, заедно со 26 земји членки на ЕУ, да го поддржи отворањето на политичките преговори. Како што веќе има впишано и неколку други различни народи, така и Бугарите се надеваат дека ќе имаат место за да можат да бидат добри граѓани на Северна Македонија. Тоа е основата на тој услов“додаде Чернева.

Back to top button
Close