Чернобил повторно зрачи?

Руски дрон пред речиси два месеци ја оштети скапата заштитна купола на нуклеарната централа Чернобил, која доживеа хаварија во 1986 година. Опасноста не е акутна, но поради радијацијата треба да се поправи обвивката.

 

Украинските власти со недели бараат начини да ја затворат големата дупка над оштетената единица 4 на деактивираната нуклеарна централа Чернобил, што беше предизвикано од рускиот напад.

Ноќта на 14 февруари, руски дрон ја проби заштитната купола. Потоа избувна пожар кој предизвика значителна штета на кровната конструкција. Пожарот беше изгаснат дури на 7 март, три недели по ударот.

„Примарна задача е да се затвори дупката со големина од околу 15 квадратни метри, но и повеќе од 200 мали дупки кои Државната агенција за управување со вонредни состојби ги избуши на покривот за време на операцијата за гаснење на пожарот“, вели Григориј Ишченко, директор на украинската државна агенција одговорна за управување со зоната на исклучување околу централата во Чернобил.

Според Ишченко, на лице место пристигнуваат експерти од истражувачки институти за да ги испитаат заштитните школки. „Прелиминарните препораки за поправки треба да бидат достапни во рок од еден месец“, вели експертот за ДВ.

 

Како да се пронајдат сите оштетувања?

Куполата беше поставена над старите таканаречени саркофази, привремени заштитни школки. Намената е да се спречи ширењето на радиоактивното зрачење од блокот 4 на електраната која експлодираше во 1986 година.

За изградба на оваа понова заштитна купола, 45 земји донатори ги здружија силите со Украина и собраа повеќе од една и пол милијарда евра. Во проектот беа вклучени 10.000 луѓе од 40 земји. Од потпишувањето на договорот до пуштањето во употреба на новата заштитна обвивка во 2019 година поминаа речиси дванаесет години.

Ишченко вели дека сѐ уште нема прелиминарна проценка за штетата предизвикана од рускиот напад. Надлежните истражувачки институти ќе направат соодветна пресметка по истрагата.

„Нивото на радијација е нормално. Персоналот продолжува да работи како порано. Само системот за контрола на притисокот повеќе не функционира, а измерена е и малку зголемена влажност. Тоа се должи на ударот и падот на притисокот под школката, која веќе не е херметичка”, објаснува Ишченко.

 

Дали може да истече радијација?

Според експертите, падот на притисокот под школката не претставува непосредна закана, но има и други опасности.

„Во моментов е невозможно безбедно да се демонтира стариот саркофаг, кој беше поставен над уништениот блок на електраната во 1986 година веднаш по катастрофата“, вели Дмитро Хуменјук од Државниот научен и технички центар за нуклеарна и радијациска безбедност на Украина.

За таа цел е изградена нова заштитна купола – затоа што стариот саркофаг бил дотраен. Сè уште во него има 18 нестабилни греди. Се стравува дека една од трите главни попречни греди може да се урне во секој момент.

„Доколку делови од структурата се срушат под сега оштетената заштитна обвивка, ќе дојде до пораст на радиоактивна прашина“, вели Хуменјук. „Во моментов, заштитната обвивка не ја исполнува својата функција, имено задржувањето на производите на фисија во реакторот“, вели експертот.

Но, експертите нагласуваат дека тоа не значи дека граѓаните сега треба да складираат таблети со јод или да бараат начини за евакуација. Но, жалат што сите напори на меѓународната заедница, која собра пари за изградба на заштитно засолниште, сега практично се покажаа залудни.

 

Како може да се затвори дупката?

„Ќе биде невозможно да се завари и поправи оштетената купола на лице место бидејќи нивото на радијација таму е многу високо и работниците би биле премногу изложени. Заштитната школка беше поставена малку подалеку и се лизна по шините преку стариот саркофаг. Со оглед на тоа што шините сега се демонтирани, мора да направиме нешто друго”, објаснува Дмитро Хуменјук.

Јан Ванде Путе од украинскиот Гринпис гледа само еден начин да се продолжи со работата на школката. „Поради високото ниво на радијација над саркофагот, целата чернобилска заштитна обвивка веројатно ќе треба да се помести со шините назад, а потоа да се извршат скапи поправки.“

Според него, сѐ уште целосно е нејасно колку ќе чинат овие работи.

Како што е објавено на веб-страницата на нуклеарната централа, на 18 март претставници на Европската банка за обнова и развој го посетиле Чернобил, ги прегледале техничките капацитети и просторот под заштитната обвивка, а разговарале и со претставници на раководството на нуклеарната централа.

Првично, 400.000 евра за експертска проценка на штетите ќе бидат достапни од сметката на Меѓународната соработка во Чернобил, со која управува Европската банка

Back to top button
Close