Чешки европратеник ги обвинува словачките власти за „намерно следење“

Чешкиот европратеник Томаш Здечовски упати писмо до претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола во кое изнесува обвинувања против властите на Словачка за наводно следење и политичко заплашување за време на неодамнешната мисија на ЕП за утврдување фактите во земјата.

Здечовски, кој доаѓа од редовите на чешката Христијанско демократската унија (КДУ), во писмото наведува дека има „загрижувачки индикации“ оти членовите на официјалната делегација на ЕП, предводено од него, биле „намерно следени“ од словачките безбедносни служби за време на престојот во Словачка, каде имаа задача да го утврдат начинот на користење на средства исплатени на земјата од фондовите на ЕУ.

– Она што е особено алармантно е тоа што за време на вечерниот состанок со информаторите, вклучувајќи и поединци од словачките безбедносни служби, имавме силни причини да веруваме дека нашите активности беа намерно следени, пишува Здечовски во писмо.

Тој посочува дека овие сомнежи се поткрепени не само од „независни извори“, туку и од јавни изјави дадени од словачки владини претставници, меѓу кои и од министрите за внатрешни работи и за животна средина, Матуш Шутај Ешток и Томаш Тараба.

– Нивните забелешки носеа јасни политички призвуци и вршеа прекумерен притисок врз нашата делегација, која работеше строго во рамките на својот официјален мандат, вели чешкиот европратеник во писмото.

Здечовски натаму додава дека ваквите активности се неприфатливи и се во спротивност на принципите на соработка меѓу земјите членки и институциите на ЕУ.

Тој ја повика Мецола да „го поддржи интегритетот и независноста на нашите парламентарни мисии“, предупредувајќи дека таквото мешање е особено опасно „во време кога во делови од Унијата во пораст се авторитарните тенденции“.

Здечовски во писмото се осврнува и на изјавата на словачкиот премиер Роберт Фицо, кој го обвини дека дошол во Словачка за да работи „валкана опозициска работа како платен убиец“.

– Премиерот Роберт Фицо ме етикетираше како политички убиец, што го сметам за тежок личен напад и обид за делегитимирање на мисијата и нејзините наоди, посочува Здечовски во писмото.

Back to top button
Close