Чесни луѓе

 Добро бе друже останаа ли чесни луѓе во политиката, има ли такво нешто или сите се исти, онака разочарано ме прашува еден постар сосед кој го сретнав деновиве, се разбира мислеше на последните настани во врска со  генералниот секретар на Владата, со корумпираните полицајци, со мноштво настани и околу судските процеси кои се водат деновиве, некако како да му беше се насобрано. Му велам дека сигурно има чесни луѓе и дека оди на подобро работата, ич не се секирај се ќе биде, така и се поздравивме и заминав. Право да Ви кажам баш и не ме замисли многу ова прашање од соседот затоа што многумина луѓе имаат слична перцепција за луѓето кои се занимаваат со политика.

Да почитувани, сигурен сум дека има многу чесни луѓе овде кај нас, па дури и во политиката има, не може никој да ме убеди дека не е така. Да бидам искрен многу малку се разбирам во јавни набавки, во тендерски постапки и сите оние процедури околу кои денес се случуваат многу неправилности и се злоупотебува службената положба и овластување, не знам како се прави тоа. Абе имаме еден куп правила и процедури во системот околу јавните набавки, многу правни правила и ограничувања, вакви постапки онакви постапки, вакви тендери, такви тендери и повторно супериорноста на човековиот ум секогаш наоѓа некоја дупка за да го надмудри системот, па во што е тогаш проблемот? Проблемот е во волјата и спремноста на поединецот кој носи одлуки, дали е спремен или не, да биде чесен и да ги почитува правилата, како и во неопходноста од ефикасно функционирање на правосудството и органите на прогон, друго нема, тоа е одговорот. Го прашувам во врска со ова стариот мој кој сега е во пензија да ми објасни нешто како било порано, мислам на ова околу јавните набавки и тендерите, како било во социјализмот, имајќи предвид дека најголемиот дел од работниот век го мина околу овие проблематики како еден од луѓето кои го водеа финансискиот сектор на поранешната ЈНА овде во третата армиска област со седиште во Скопје со надлежност за цела Македонија и Јужна Србија до градот Ниш, сето тоа, сите набавки и економија на третата армиска област беше под надлежност овде во Скопје. Ми вели дека немало ништо од ова, ниту тендери, ниту компјутери, ниту  пак некои сложени процедури, имало професионални и совесни луѓе, со молив и празна хартија пред нив, луѓе кои не помислувале ниту 100 денари да им недостигаат во пресметките или пак нешто да проневерат, ете така било. Да добро се сеќавам и на еден постар човек од Лесковац, инаку фармер, производител на говедско месо кој сакаше да аплицира до Финансиската Комисијата на ЈНА како снабдувач на месо за третата армиска област, па можеби од некоја куртоазија или со некоја друга причина земал го поканил татко ми да одат на ручек, овој не само што не отиде туку се налути дека тоа може да биде и непристоен предлог за да го придобие во врска со набавките, абе денес изгледа смешно ама тогаш ниту на ручек не одеа, освен ако самите не си го платат, нели. Такви беа комунистите, ме нервираа колку беа чесни, дури ми идеше да ги “истепам“, искрено Ви кажувам.

Но тоа време е зад нас и денес живееме во демократија, пазарно стопанство и важат други правила. Сигурно дека многумина од нас се разочарале од некои луѓе кои ги познавале, од некои нивни постапки за кои што никогаш не би помислиле дека ќе ги направат но таков е животот. Конкретно за овие случаи на корупција треба да ги оставиме институциите да си ја вршат својата работа, да ја почитуваме пресумпцијата на невиност и низ една транспарентна и фер судска постапка нека се докаже како било и што било без да прејудицираме или измислуваме било што.

Но знаете почитувани, во демократија не е битен поединецот, во демократија важен е системот. Дали функционира системот или не, тоа е прашањето. Ако во период од една година имате истраги и процесуирање на актуелни високи функционери, односно актуелни генерални секретари на владата, се привршуваат сложени судски процеси, се конфискува голем имот низ центарот на Скопје кој гледаме дека бил стекнат на еден мафијашки начин, па сето тоа сепак значи дека во нашата Македонија нешто сериозно се придвижило напред, нешто што било незамисливо во некое друго време пред нас.  Тоа треба да го поздравиме. Освен критики треба и да се пофали кога нешто е добро и функционира. Легитимно е опозицијата да напаѓа и плука, тоа е нејзина политичка борба, но пред бројките и фактите би требало да замолчи. Има разлика и треба да се поздрави професионалното и политички “растеретено“ функционирање на Обвинителството, на судството, но пред се треба да се поздрави и професионалниот и непартиски пристап на МВР, секако дека тоа е резултат и заслуга и на министерот и неговиот тим што го предводи. Тоа може во еден политички контекст да Ви се допаѓа или не, но мора да го признаете фактот за еден професионален пристап кој до сега не сме го имале од страна на МВР. Тоа впрочем го зборуваат фактите и бројките на многу параметри од областа на безбедноста, сообраќајната безбедност, стапката на криминалитет, едноставно многу параметри се движат во позитивна насока. Исто така и за оној трагичен настан со Хрватскиот ракометар за кој сите жалиме не може да се каже дека институциите не реагираа навремено, за неполни 24 часа беше разрешен овој немил настан и виновниците за тоа се таму каде што им е местото. Смешен и трагичен беше оној настап на опозицијата за некакво “прикривање“ на убиство, не само што немаше такво нешто но веќе стана и дегутантно да се објаснува по сто пати иста работа, ама кога им извадија фотографии од обвинетите и сите видоа во кое друштво биле, некако замолкнаа и ги наведнаа главите, но сепак продолжија да врескаат ама во друг правец. Јас за овие институции кои направија извесен но доста значаен напредок велам дека спремни се за влез во ЕУ без преговори. Значи насекаде може да се најдат чесни луѓе.

П.С. Ја почитувам одлуката на СОНК и наставниот кадар да се бори за својот статус, за повисоки плати и достоинствен живот, тоа е нивно право кое никој не може да им го ускрати, особено што се работи за оние кои ги воспитуваат и образуваат нашите деца. Но сепак временскиот период во кој настапуваат со овие барања е доста дискутабилен, особено дискутабилно е големото замешателство на опозицијата во овој штрајк, сето тоа во време кога Европа и светот се соочуваат со драматични кризи и војна, кога ни се заканува голема економска и енергетска криза каде што државите грчевито се борат за преживување, се намалуваат плати во многу сектори, многу луѓе ги изгубија своите работни места и се борат за гол опстанок, во едни вакви драматични услови да се бараат повисоки плати е навистина проблематично, треба да се погледнат меѓу себе и да размислат,  барем во интерес на децата.

 

 

 

Back to top button
Close