Чесноста е најдобрата политика!


„Што е вистина?”, со потсмев прашал Понтије Пилат, римскиот прокуратор на Јудеја кој, за да ја задоволи толпата, наредил да го распнат Исус. Заминал, не чекајќи одговор.

Соочени со проблеми, и ние денес, често, заминуваме пред да ги дознаеме одговорите. Зошто? Затоа што човековата природа е иста со онаа од пред два милениуми. Таа – човековата природа, зазира од трудот, трпението и непријатностите кои се неопходни за да се открие вистината. Зазира и од самата вистина која што знае да биде многу вознемирувачка. Френсис Бекон (1561) во својот есеј „За вистината” пишува: „Луѓето ги сакаат лагите кои ги кажуваат не само заради задоволството, како што е случај со поетите, ниту за користа, како кај трговците, туку заради самата лага”. Во прашање е „природна, иако корумпирана, љубов кон лагата”.

Во Македонија, политичари, новинари и интелектуалци кои во 2005 година се најдоа во неволја, ја повикаа „вистината” напомош. Залудно. Таа одамна не живее тука. Во нивниот прекрасен свет на немарност, интриги и површност нема ниту време ниту место за вистината. Зашто, тој лесен свет на кич и на лажен сјај кој ни се нуди денес во Македонија, ги заробува умовите на луѓе кои одбиваат да застанат зад вредности кои не се изразуваат во пари, моќ или слава. И навистина – зарем вреди човек да се изложува на непријатности за така „безвредно” нешто како што е вистината!? А оние кои се платени да ја бранат вистината – оние во структурите на власта?

„Ништо не ја открива подобро природата и карактерот на еден режим – од видот на луѓето на кои тој режим им пружа шанса”, запишал Макс Вебер. Се разбира, „режимот” е апстракција зад која стојат конкретни луѓе кои вршат селекцијата и „пружаат шанса”. Во македонското општество, селекцијата, по правило, се врши исклучиво според критериумот на лојалноста кон носителот на моќта. Опасноста со која се соочува оној кој управува со таквиот центар на моќта, е дека именуваните ќе ја следат таа логика до крај. Имено, ако центарот на моќ се пресели во друга политичка орбита, кај друг моќник, таму се сели и лојалноста на именуваните функционери. Тогаш, довчерашниот „политички мецена” останува сам, независно од тоа дали вистината е на негова страна или не. Се разбира, истакнати личности со интегритет, оние ретките кои држат до своите принципи, би застанале во одбрана на вистината и на човекот кој е неправедно обвинет, но такви скоро и да нема во политиката. Што ќе се посее, тоа и ќе се ожнее!

Затоа, залудни се повиците „институциите на системот” да превземат нешто во прилог на вистината. Апелите, како ехо, се одбиваат од празните ходници. „Институциите”, имено, се само апстракции во кои единствено реално нешто се луѓето во нив. Притоа, институциите ќе функционираат само ако луѓето се подготвени на лични жртви заради вистината – ако љубовта кон вистината е посилна од онаа кон лагата. За ова, пак, се потребни доблесни луѓе, направени од „демократски материјал”. Таквите, пак, никогаш не биле омилени кај моќниците. Ете, затоа нашите институции не функционираат.

Сепак, во секое зло и некое добро: во 2005 година, наспроти целокупното наше поведение, или можеби токму заради тоа, своја афирмација доживеа две вредности врз кои почива цивилизацијата, запишани во Стариот завет, :„Не лажи” и „Не кради”. Ова како да навестува дека големата тема на македонското општество во новата 2006 година ќе биде во доменот на моралните принципи на нацијата.

Можеби нашите проблеми навистина ќе се поместат од доменот на формалното правење на закони, во доменот на моралното поведение на општеството, но, тука не чекаат големи „системски” неволји. Целокупната македонска политичка свест, имено, е производ на нашето авторитарно минато. Неа ја карактеризира отсуството на еден кодекс на интелектуални и морални ставови, навики и обичаи, компатибилни со демократијата.

Така, македонското општеството денес, силно потсетува на она што Гертруд Бел го напишала за Отоманското царство пред скоро еден век: „За поголемиот дел од населението, власта е сѐ уште повисока сила, неповрзана со оние врз кои ја наметнува својата волја. Можете да приговарате за недостигот на разбирање, онака како што го псуете градот кој ви ги уништил насадите, но не може да стане збор за одговорност или за обид власта да се контролира или советува, повеќе одошто би советувале градобиен облак”. На оваа ориентална историска традиција, пак, се надоврза разблажената варијанта на југословенскиот комунизам кој беше задоволен со регулирање и контрола на „привидното” поведение на граѓаните. Важна беше, имено, јавната манифестација на согласност, дури и кога приватно луѓето не се согласуваа со власта. Меѓутоа, оваа духовна клима создаде политичка свест која ја карактеризира пасивност,опортунизам, медиокритетство, цинизам и грижа за своите „приватни” работи. И двете традиции се лоша подготовка за демократскиот граѓанин.

Каков треба да биде тој, демократскиот граѓанин? Со типично американска логика и израз, Адлај Стивенсон ќе запише: „Од памтивека, власта главно се занимавала со удирање клоци на луѓето. Запрепастувачкото остварување на модерните времиња во Западниот свет е идејата дека граѓаните се тие кои треба да и удираат клоци на власта”. Овие едноставни зборови имаат за цел на обичните луѓе да им всадат чувство на достоинство: достоинство на сопственици на човекови права и фундаментални слободи кои треба да се одбранат од алчноста, корупцијата, себепромовирањето и интригите на политиката.

Македонската демократија во оваа 2006 ќе стане покомплексна. Луѓето постепено ќе стануваат свесни дека е потребен поголем напор да се одржи слободата од напопрот на нашите претци да ја издржат тиранијата. Големиот тест за народот, одново, ќе бидат изборите. Не чека голема битка! И во оваа изборна година,имено, ќе треба да ја одбраниме македонската демократија од партиите. Краткото демократско искуство не учи дека последиците од огнените говори на назабените политичари и од нивните бескрупулозни махинации, се чувствуваат во целиот мандат на владеењето на победниците чија победа не е признаена од поразените. Затоа, на екстремната реторика на политичарите која го дели и го парализира општеството со години на ред, треба да и го спротиставиме здравиот разум. Здравиот разум, пак, ни го вели она што го запишал Волтер Липман во 1940: „Тврдењето дека една партија ќе ја уништи а друга партија ќе ја спаси демократијата почива врз неразбирањето на демократијата. Зашто, политичките партии не се тие кои ја спасуваат демократијата, туку токму спротивното, демократскиот систем е тој кој ја спасува нацијата од екцесите на политичките партии”.

Среќна околност за моралното здравје на граѓаните е што во битката против екстремното поведение на политичарите, на своја страна ги имаат ЕУ и САД во улога на кротители на подивеаните балкански национализми. Фазата на апсење и судење во Хаг за злоделата сторени кон народите на поранешна Југославија, ќе биде заменета со еден помек облик на контрола. Контролата на поведението на македонските политичари, на пример, ќе произлезе од кандидатскиот статус за членство во ЕУ и во НАТО. Имено, зголемениот обем на контакти со западната цивилизација, треба да резултира во зголемена одговорност.

Кошмарот на Унијата визави пропширувањето на Исток, отсекогаш бил дека корумпирани политичари од Источна Европа, ќе седнат во фотељите во Брисел и ќе земат учество во креирањето на судбината на Европа. Кошмарот на Американците, пак, е дека со членството во НАТО, таквите политичари ќе ја кројат судбнината и на светот. Оттаму, нема сомнение дека во годината што е пред нас Унијата и САД ќе ја користат секоја прилика да влијаат врз персоналниот состав на македонската политика, ако не поинаку, тогаш преку наметнување критериуми какви ретко кој македонски политичар може да поднесе – критериуми од доменот на моралните принципи. Можеби во 2006, под влијание на граѓаните и на надворешниот притисок, во Македонија ќе доживее своја афирмација еден принцип во политиката кој е идеал и за западната демократија : „Чесноста е најдобрата политика”.

( Репринт Јануари 2006)

Денко Малески

Back to top button
Close