Честите промени на законите ризик за корупција

Секторот за градежништво и просторно планирање е еден од најранливите категории од корупција. Корупцијата во секторот градежништво се појавува во многу форми, истакна претседателката на Државна комисија за спречување на корупција, (ДКСК) Билјана Ивановска, на денешната јавна дебата на тема „Измена на регулативата за урбанистичко планирање – потреба или ризик од корупција“, при што посочи дека законската регулатива за вршење на многу работи во градежништвото и просторното планирање предвидува издавање на повеќе документи кои се од големо значење. Таа посочи и дека ако се земат во предвид и градежните зафати кои се многу скапи, сето ова остава простор за притисоци, за влијанија, поттикнувања, односно за коруптивно однесување.

– Издавањето на различни документи како и инспекцискиот надзор се сметаат како точки кои може да генерираат ризик од корупција во овој сектор. Во октомври минатата година ДКСК со поддршка на Транспаренси интернашнел и УСАИД, ја објави анализата на правната рамка во областите на просторно планирање, урбанизмот и градежништвото. Со оваа анализа се утврди недоволна синхронизација на законите, нетранспарентност во работата на локалната власт, отсуство на контрола над работењето на општините, како и маргинализација на граѓанскиот сектор, рече Ивановска.

Претседателката на ДКСК, во својот говор истакна и дека многу пати во секторот градежништво не се води сметка за животната средина, односно фокусот на локалната власт е носење на детални урбанистички планови. Според податоците на ДКСК, Законот за урбанистичко планирање е еден од законите кој претрпел најголем број на измени во тек на годините. Последната промена е реализирана минатата година, додека актуелно се предложени нови измени кои според претседателката на ДКСК, се ризик, од причина дека честите измени на законите се голем ризик за корупција.

– Дали предложените законски измени отвораат врата кон процесот на урбанизација на селата во заштитените села притоа без проценка на влијанието кон животната средина и да овозможат секаков тип на земјиште во областа вон населени места да се третираат како градежно земјиште по автоматизам. Дали со урбанизација се стремиме кон уништување на шумското подрачје, дали со овие измени ќе се придонесе кон намалување на диво изградените објекти а со тоа и да не се намали и исплата на комуналии, наведе Ивановска.

Министерот за транспорти и врски, Благоја Бочварски, кој исто така учествуваше на ова дебата, изјави дека е утврдено да се извршат промени на Законот за урбанистичко планирање (иако релативно е ново), се со цел подобро да функционираат општините.

– Со донесување на предлог законот се обезбедува континуитет во делот урбанистичкото планирање, особено во руралните средини што ги директно влијае врз вкупниот економски раст, зголемување на вредноста на земјиштето и на градбите. Доколку не се донесе предложеното законско решение нема се изврши законското хармонизација со системските закони како што е Законот за јавни набавки, рече Бочварски.

Тој воедно посочи дека процедурата за измена на Законот за урбанистичко планирање е започната во редовна постапка и затоа најпрвин предлог текстот бил прикачен на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР).

– До нас се доставени забелешки од едно граѓанско здружение и Министерството за животна средина и просторно планирање, кои се разгледуваат. Исто така, од 35 граѓански здруженија е доставено барање за организирање јавна расправа во врска со предлог текстот на законот и овозможување дополнителни десет дена за оставање на коментари од страна на јавноста, информира Бочварски.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, пак, во своето обраќање се осврна на просторното планирање и посочи дека е во тек изработка на нов просторен план заедно со Агенцијата за планирање на просторот.

– Со просторното планирање се обезбедува рамномерен просторен развој, национално уредување и користење на просторот. Услови за хумано живеење и работа на граѓаните, како и предвидување на мерки за заштита на животната средина и природата. Сепак, мора да се има на ум дека просторното планирање претставува континуиран процес којшто се реализира преку перманентно изработување и донесување на просторни планови, како и координација на нивното спроведување односно нивна имплементација, вели Нуредини.

Министерот информираше и дека кон крајот на 2020 година била донесена новата методологија за изработка на нов просторен план, во кој меѓу другото биле вклучени и климатските промени, но поради состојбата со пандемијата работите се одвиваат бавно.

– Просторниот план треба да има траен интегративен карактер. Во рамки на својата надлежност, Министерството редовно дава мислење за усогласувањето на просторните планови, врши надзор на спроведување на просторниот план и ги координира и спроведува политиките на постапка за стратешка оцена на влијание врз животната средина, рече Нуредини и додаде дека најважно од се е подобра координација меѓу институциите на локално и централно ниво.

Директорката на Агенцијата за планирање на просторот, Андријана Андреева нагласи дека законската регулатива го дефинира урбанистичкото планирање како мултидисциплинарна дејност од која излегува производ, подзаконски акт за одреден простор, а тоа е урбанистички план или проект.

– Би сакала да нотирам дека во процесот на изработка, донесување и спроведување на овој подзаконски акт, урбанистички план помалку или повеќе, во зависност од обемот на работите и видот на просторот што се уредува, вклучени се стручни лица – експерти од различни инженерски области, експерти од различни општествени науки, политички, граѓански здруженија кои во овој процес делуваат во и вонинституционално, рече Андреева.

Ваквиот начин на дејствување, според Андреева, овозможува да се создаде демократски амбиент во процесот на креирање на просторот. Демократскиот амбиент, таа додава дека ќе се постигне само со заедничка заложба на сите чинители во општеството, како и правилен избор за тоа што е добро за нас и идните генерации

Back to top button
Close