Честитка од Мицкоски по повод Курбан бајрам

 Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати честитка до припадниците од исламска вероисповед по повод празникот Курбан бајрам.

-Дозволете ми во мое лично име и во име на членовите на ВМРО-ДПМНЕ на сите припадници на исламската вероисповед да им го честитам големиот верски празник Курбан Бајрам. Искрено од срце ви посакувам многу здравје, среќа и успеси и нека празничните мигови Ви поминат во спокој, љубов и радост со најблиските. Овој празник е еден од најголемите празници во исламот кој секогаш потсетува на хуманоста и солидарноста како темелни човечки вредности. Меѓучовечката љубов и разбирање се основата на сеопштата благосостојба на едно општество, вели Мицкоски.

Македонија, додава тој, била и ќе биде земја во која духот на традицијата, но и почитта и меѓусебното разбирање биле мостови кои ги поврзувале луѓето од различни вери и етникуми.

-Во духот на празничната порака за заедничка поддршка и борба за подобра сегашност и подобра иднина Ве повикувам сите заедно да се сплотиме и да ја градиме Македонија како земја на европски вредности и принципи. Само така ќе овозможиме нашите деца, како и нашите предци да живеат под истото македонско небо во хармонија и напредок, наведува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Back to top button
Close