Честоева: До крајот на годината ќе се решат имотноправните прашања за конзервација на аквадуктот
Околу 30 милиони денари се на располагање за продолжување на конзервацијата на Скопскиот аквадукт, а до крајот на декември се очекува да завршат постапките за експропријација на приватното земјиште на кое треба да продолжат работите. Ова го истакна директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, посочувајќи дека со ребалансот на буџетот не биле скратени средствата наменети за оваа институција.

Во моментов се водат четири постапки за експропријација, кои се неопходни за да продолжат конзерваторските активности на арките на аквадуктот. Досегашните работи на конзервација биле реализирани на делот од локалитетот што се наоѓа на државно земјиште, а сега активностите треба да продолжат и на делови што се во приватна сопственост.
„Очекуваме до крајот на годината да ги решиме постапките и да може да продолжи останатиот дел од процесот на експропријација. Со ребалансот средствата не се скратени, така што до крајот на декември ќе го реализираме тоа“, изјави Честоева.
Таа појасни дека решавањето на имотноправните прашања е неопходен услов за продолжување на конзервацијата, но и за поставување видеонадзор на локалитетот. Управата не може да издаде конзерваторско одобрение додека не се регулираат овие прашања.
Конзервацијата на арките ја спроведува Градскиот конзерваторски центар, додека Управата за заштита на културното наследство ги води управно-правните постапки и ги издава потребните дозволи за овластените субјекти да можат да продолжат со стручните активности.
Аквадуктот е еден од објектите што се планира да бидат вклучени во програмата на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 објави Скопје1.мк






