Чествување во Небрегово: Македонскиот јазик и делото на Конески не може да бидат загрозени

Со манифестацијата „Поетско читање во Небрегово“ , членови на Друштвото на писателите на Македонија во родната куќа на Блаже Конески и  спомен-дом во прилепско Небрегово, со стихови и беседа го чествуваа делото на првиот претседател на ДПМ и негов основач.

Соња Стојменска-Елзесер, претседател на ДПМ, рече дека оваа манифестација е во програмата за чествување на 100-годишнината од раѓањето на Конески.

-Го чествуваме како ДПМ великанот на нашата  книжевност – Блаже Конески, првиот претседател на ДПМ и основачот на ова здружение. На оваа наша средба читаме стихови и беседиме десетмина членови на асоцијацијата, значи го славиме Конески, онака како што знаеме и умееме – со стих, со беседа. Стихот и беседата ќе бидат проткаени и со изворна музика, ќе настапат и групата „Канарина и гитара“ со Петар Ренџов, Ивана Стојаноска и Александар Јовески, рече претседателката на ДПМ.

Стихови читаа и беседеа писателите Глигор Стојковски, Веле Смилевски, Христо Петревски, Пајо Авировиќ, Јулијана Величковска, Владимир Мартиновски, Снежана Стојчевска, Мишел Павловски, Мерсиха Исмајлоска.

На прашањето да ги коментира нападите на македонскиот јазик, Стојменска-Елзесер е категорична – се политизира, а јазикот никако не може да се загрози.

-Како да се коментираат нападите дека македонскиот јазик е бугарски? Таа болка е многу долга. Одеднаш се политизира, одеднаш станува многу огнена. Но, на македонскиот писател ниту можете да му наредите, ниту можете да го спречите да создава, да твори на македонски јазик. Тоа е нешто што го носи од мајчиното колено, од мајчината лулка. Јас немам стравување: се додека создаваме литература на македонски јазик, се додека твориме на македонски јазик, нема ништо што би можело да ги загрози – ниту јазикот, ниту нашето опстојување. Јазикот, литературата, културата, тие се оние чинители што ги негуваат нашата хуманост и нашиот идентитет, изјави Стојменска-Елзесер.

Пред родниот дом на Конески, на 20 паноа беше претставена изложбата на НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје, насловена „Фондот на НУБ – доказ за сестраноста на Конески“, што е во контекст на прославата од 100-годишнината од раѓањето на нашиот великан Блаже Конески.

Писателот Блаже Миневски како претставник од НУБ „Св. Климент Охридски“ рече дека изложбата содржи приказ на повеќе од 2000 единици од творештвото на Конески, од пишувањата за него, а целта е да се потсетат младите кои се заинтересирани да видат ретки дела и да се потсетат на она што го кажа Конески: „Јазикот е нашата таткловина“.

-Претставени се акценти од неговото сестрано, богато творештво и од она што е пишувано за него. Тука се првите изданија на македонскиот правопис, на Историјата на македонскиот јазик, акценти од неговите стручни дела, од поетското, прозното творештво. Имаме преглед на 20 паноа на оние повеќе од 2000 единици, поврзани со Блаже Конески. Целта е да се направи преглед на творештвото на Блаже Конески, а со тоа, фактички, се прави преглед на историјата на македонската поезија, проза, на македонскиот јазик, зашто Блаже Конески е длабоко поврзан со сето тоа, рече Миневски.

Според него, има голем интерес, младите го гледаат она што досега немале можност да го видат, така што, рече, го враќаат интересот кон неговите најстари изданија од 1950-тите години. Посочи дека има и ретка збирка на книги кои се само во НУБ „Св. Климент Охридски“ .

– Со оваа скромна изложба сакаме да кажеме дека не забораваме на него, зашто многупати зборуваше дека единствена неподелена татковина на македонскиот народ е македонскиот јазик. И треба да чествуваме често, не само во година на јубилеј, истакна  Миневски.

Писателот Глигор Стојковски се присети на средбите со Конески, а најголема возбуда, рече, е неговата поезија која денеска не отсликува од секој аспект.

-Блаже Конески може да се помни од многу аспекти: како човек, професор, лингвист, писател, поет. Но мене посебен впечаток и голема возбуда ми е неговата поезија. Едно беше читањето пред 50 години, друго е денеска. Ми се чини денешното доживување на неговата поезија е најкомплексно. Зашто, сето тоа што го напишал Конески во песните, сето тоа сме ние денес, во секој поглед: во духовен, во национален, во индивидуален. Целата поезија на Блаже Конески е биографијата на македонскиот народ. Ние, како денешна генерација Македонци, немаме никаква потреба некому да докажуваме и покажуваме. Кој сака повеќе да види, само нека ги отвори книгите на Блаже Конески, рече  Стојковски.

Во националната програма за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, меѓу носителите се Фондацијата „Небрегово“ и Прилепскиот завод и музеј. Вклучени се неколку манифестации во текот на овие месеци.

Во оваа пригода на директорот на Заводот и музеј од Прилеп му беше врачен портрет на Конески од уметникот Коле Манев.

Back to top button
Close