Чествувањето на Делчев – нов лакмус за Софија

Македонија одбележува 153-годишнина од раѓањето на македонскиот револуционер, визионер и стратег Гоце Делчев. Властите во Софија велат – не добивме покана за заедничко чествување.

 

Премиерот Христијан Мицкоски, владина, собраниска, партиски и бројни други делегации, денеска во црквата „Св.Спас“ ќе му оддадат почит на македонскиот револуционер Гоце Делчев на 153-годишнината од неговото раѓање. Чествување ќе има и пред Ректоратот на штипскиот Универзитет кој го носи неговото име.

Поради свеченостите во чест на македонскиот апостол, учител, стратег, визионер и револуционер, најавен е посебен сообраќаен режим околу црквата „Св. Спас“, каде што се наоѓа неговото вечно почивалиште.

И оваа година, како и претходните, во пресрет на овој датум во Софија се отвори прашањето – дали ќе има заедничко одбележување – прашање кое БТВ му го постави на бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев.

„Не сме добиле покана за такво нешто. Последното беше по потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство во 2017 година, ако не се лажам. До овој момент ние немаме покана од Република Северна Македонија заедно да го чествуваме тој ден”, изјави шефот на бугарската дипломатија.

Како што објавија медиуми од соседството, „годишнината од раѓањето на Делчев ќе биде одблежана од бугарската амбасада во Скопје, Генералниот конзулат на Бугарија во Битола и од локални Бугари кои ќе се поколнат на неговиот гроб во црквата Св. Спас во Скопје”.

Во 2017 и 2019 година тогашните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов заедно положија цвеќе на гробот на Делчев. Последното заедничко чествување беше во 2022 година, на министерско ниво. Во 2023 година, во време кога односите меѓу Бугарија и Македонија дополнително се затегнаа, тогашниот бугарски вицепремиер Иван Демерџиев положи цвеќе на гробот на Делчев, но не во присуство на македонските колеги. Тој реагираше и поради техничкиот проблем системот за контрола на македонскиот граничен премин, поради кој голем број Бугари биле оневозможени навреме да дојдат во Скопје.

Северна Македонија Гоце Делчев
Гоце Делчев, македонски револуционер, визионер и стратег: Властите во Софија велат – не добивме покана за заедничко чествување на 153-годишнината од раѓањетоФотографија: Wikipedia/gemeinfrei

Специфични односи

На прашањето – можно ли е повторно да има тензии меѓу двете земји, како за време на чествувањето во 2023 година, Георгиев изрази надеж дека такво нешто нема да се случи.

„Што да кажам, тоа ќе биде лакмус за зрелоста, за тоа, до каков степен го осмислуваме своето присуство во Европа, но не само физички, туку и како вредности и разбирање што носи Европската Унија. Јас се надевам дека нема да станеме сведоци на такви сцени, туку напротив. Ние секогаш сме кажувале – историјата треба да нѐ обединува, не да црта линии меѓу нас”, рече Георгиев.

Околу прашањето – дали Софија ќе ја промени позицијата, со оглед на ставот на македонскиот премиер дека Бугарите нема да бидат внесени во Уставот без јасни гаранции од ЕУ, Георгиев рече дека тоа не е билатерално прашање.

„Тука не зборуваме само за Бугарија и тоа треба јасно да го потенцираме. Таканаречениот француски предлог, тоа што се случи за време на 2022 година, е меѓу сите членки на ЕУ и РСМ. Тука зборуваме за обврски кои што далеку го надминуваат билатералниот спор. Тука зборуваме за нешто со кое се согласиле сите држави членки на ЕУ и РСМ. Така што, ако обврските не бидат испочитувани, ЕУ нема како да го продолжи патот за присоединување на РСМ“, изјави бугарскиот министер за надворешни работи.

Односите меѓу Софија и Скопје со еден збор тој ги опиша како „специфични“, а на прашањето дали се „специфично ладни“, посочи дека „температурата се мери со секој следен настан кој би можел во една насока да ги потпомогне билатералните односи, или да ги влоши”.

„Јас се надевам дека сме стигнале степен на зрелост во кој ќе се осознаваме дека доброто меѓусоседство е залог за успешна иднина и просперитет на цел регион. Сметам дека нема држава која повеќе од Бугарија има интерес од интеграцијата на земјите од Западен Балкан и тоа не го кажувам само од позиција на бугарските европски приоритети од 2018 година со претседателството, туку во многу поширок контекст. Ние, искрено, се радуваме дека Република Северна Македонија и Албанија се наши сојузници во НАТО. Тоа е инвестиција во безбедноста на регионот. Природно ќе да се радуваме и на продлабочување на евроинтеграциите, но со почитување на бараните критериуми”, рече Георгиев.

Северна Македонија Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов
Во 2019 година, тогашните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов заедно положија цвеќе на гробот на ДелчевФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Откажано учество на концерт во Софија

Во меѓувреме не се оствари обидот за уште едно заедничко чествување, овојпат во Софија, најавено од Меѓународната фондација за соработка и културен натпревар „Гоце Делчев“ од Бугарија, а под покровителство на бугарскиот претседател Румен Радев.

Претседателот на фондацијата, Христо Христов, кој е внук на Гоце Делчев, изјавуваше дека преку културата треба да продолжи и политичката комуникација. Од Фондацијата најавија дека на концертот подеднакво ќе учествуваат бугарски и македонски уметници. Како учесници од Македонија беа најавени Илина Митревска и Валентина Божиновска, и дека биле поканети членови на собранијата и владите на двете земји.

Митревска и Божиновска ја прифатиле поканата откако биле информирани од организаторите дека на концертот ќе присуствуваат и официјални претставници на Македонија. Но, официјални покани за тоа не стигнале до македонската влада, како што изјавија оттаму, по што и поканетите уметници го откажаа учеството.

„Откако дознавме дека никој од официјалните претставници на Македонија нема да дојде, решивме да го откажеме нашето присуство“, изјави Божиновска за МКД.мк, посочувајќи дека за тоа ги известиле организаторите.

Свечениот концерт со класична музика и поезија, беше најавен дека ќе се одржи во училиштето каде што учел Делчев, сега воена академија „Георги Раковски” во Софија.(dw)

Back to top button
Close