Четири години од трагедијата „Беса Транс“ во која животот го загубија 45 лица, меѓу кои и 12 деца


Денеска се навршуваат четири години од една од најтешките сообраќајни несреќи во поновата историја на Македонија и Европа. На 23 ноември 2021 година, на автопатот „Струма“ во Бугарија, автобус на компанијата „Беса транс“ се запали и изгоре, при што животот трагично го загубија 45 лица, меѓу кои и 12 деца, а седуммина патници успеаја да се спасат со повреди.

Кобната ноќ, автобусот беше дел од конвој од четири возила на истата агенција кои се враќаа од организирано туристичко патување во Истанбул, Турција. Радоста од патувањето за миг се претвори во незамислива трагедија која ја зави Македонија во црно.

Додека семејствата на загинатите бараа правда, судските процеси се одвиваа на два фронта – во Македонија и во Бугарија.

Во земјава, Основниот кривичен суд донесе пресуда за сопственикот на компанијата „Беса транс“, Беким Хаџиу. Тој беше осуден на ефективна казна затвор од една година и осум месеци. Судот го прогласи за виновен за кривичното дело „фалсификување исправа“, бидејќи се докажа дека автобусите на компанијата ја напуштале државата и преминувале граници со фалсификувани изводи од лиценци за вршење на меѓународен превоз.

Покрај казната за сопственикот, санкционирана беше и самата фирма со казна од 800.000 денари и забрана за вршење на дејност во меѓународен патен сообраќај во траење од четири години.

Паралелно со процесот во Скопје, истрагата за причините за самата несреќа се водеше во Република Бугарија. Таму, истражните органи заклучија дека причина за трагедијата е човечка грешка. Вината беше лоцирана кај возачот на автобусот, кој за жал, беше меѓу загинатите во огнената стихија. Според бугарските обвинители, неприлагодената брзина и губењето контрола над возилото довеле до фаталниот удар во заштитната ограда и пожарот што следел.

0 comments 0

Back to top button
Close