Четворица уставни судии со издвоено мислење пред оценувањето на Законот за банки, што го иницираа оштетени штедачи во Еуростандард банка
Еден од главните аргументи на судиите Кацарска, Маркудова, Ајдари и претседателот Мурати е дека Уставниот суд во друг предмет ја разгледувал истата законска одредба, во февруари годинава, и тогаш одлучил да не поведе постапка за оценување на нејзината уставност, за еден месец подоцна да биде донесена спротивна одлука, пишува „360 Степени“.
Четворица од вкупно девет членови на Уставниот суд објавија издвоено мислење во врска со одлуката што ја изгласаа другите петмина судии за покренување постапка за оценување на уставноста на член 163 став 3 Законот за банки, по иницијатива на дел од штедачите на Еуростандард банка.
Освен актуелниот претседател на судот, Сали Мурати, издвоеното мислење го потпишаа и новата уставна судијка Добрила Кацарска, како и судиите Вангелина Маркудова и Насер Ајдари. Еден од нивните главни аргументи е дека Уставниот суд во друг предмет ја разгледувал истата одредба од Законот за банки, во февруари годинава, и тогаш, со мнозинство гласови, одлучил да не поведе постапка за оценување на нејзината уставност. Меѓутоа, еден месец подоцна, постапувајќи по друга иницијатива за оспорување на уставноста на истата одредба од Законот за банките, со, како што се наведува, речиси идентични наводи и причини за оспорување, судот, исто како и минатиот пат, со мнозинство гласови, донесе сосема спротивна одлука – да се поведе постапка за оценување на нејзината уставност.
„Мора да се укаже дека во вакви случаи, судот има пракса да ги отфрла инцијативите поради претходно пресудена работа – res iudicata, а врз основа на член 28 алинеја 2 од Деловникот.Овој правен основ произлегува од темелната вредност на уставниот поредок – владеењето на правото и правната сигурност како нејзин составен елемент и членот 112 став 3 од Уставот, според кој одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.Имено, ставот на судот по однос на уставноста на одредена одредба треба да биде траен, постојан и конзистентен, со цел доносителите на пониските норми при регулирањето на истите ситуации да пропишат соодветни норми во согласност со ставовите на Судот преку кои се толкува и штити уставноста. Ваквите ставови се од значење и за адресатите (оние на кои се однесува нормата) кои ќе можат да бараат соодветно регулирање, повторно според сфаќањето на судот“, се наведува во издвоеното мислење.
Судиите посочуваат дека, сепак, постои можност судот да го промени својот претходен став, но, како што посочува, вотаков случај мнозинството имаше обврска да ѝ образложи на јавноста од што се раководеше кога го промени ставот за така краток временски период, без притоа да биде променета фактичката и правна состојба, односно да ги соопшти основите за поинакво одлучување во еден толку краток период.