ЧЕТВРТА РЕПУБЛИКА
Борбата трае, во празничен говор. Ама, во реалноста нашите млади ја продолжуваат борбата во држави кои им даваат шанса за подобар живот.
Можеме да спориме со Сиљановска-Давкова колку се остварливи нејзините заложби за „битка за знаењето наспроти незнаењето, извонредноста наспроти просечноста, креативноста наспроти деструктивноста“. Може да спориме и дали и колку партијата со чија поддршка беше избрана за претседателка ќе ѝ овозможи да ги остварува тие цели. Но, за разлика од нејзиниот претседателски говор што барем ги согледа целите на четвртата република, остана нејасно дали Христијан Мицкоски на најголемиот државен празник имаше предизборен говор на партиски митинг во Крушево, или сепак како премиер, даваше отчет за 30 дена Влада и ја напаѓаше опозицијата колку лоша држава му оставила. Има огромно мнозинство во Собранието, секој ден може тоа да го зборува. Барем за празникот да се воздржеше, да си ги задржеше гневот во себе. Како уште да не ги има добиено изборите. Готово е. Дојдовте на власт, ај сега малку со подржавнички муабети.
Кои млади ќе се вратат во државата по овој прв Илинденски говор на Мицкоски како премиер, како во време на најлошите традиции на Никола Груевски кој сите 11 години додека беше на власт ги користеше празничните говори да се кара со сите и да се заканува? И при крај на говорот, како и сега Мицкоски од Мечкин Камен, и Груевски повикуваше на единство и дијалог, ама според негови услови.
Борбата ќе заврши со победа само тогаш кога најголемиот државен празник ќе го испочитуваат заедно и власта и опозицијата. Тоа е вистински патриотизам
Додека терам празник во Охрид, заедно со син ми решивме во предвечерието на Илинден да го развееме државното знаме. Додека го закачувавме на еден импровизиран јарбол покрај оградата од дворот, помина една туристка од Холандија и застана да ни помогне без да побараме помош. Стоеше насмеана до нас и го придржуваше знамето да не летне на ветрот додека ние го прицврстувавме. Од другата страна на улицата еден нашинец ни дофри: „Не е тоа нашето знаме!“.
Сакав да му вратам, да му одговорам нешто, ама останав без зборови. Вреди ли да се расправаш?
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК