Чист понеделник во Грција – риба и морска храна, хартиени змејови и специјалниот леб „лагана“ за почеток на Велигденскиот пост
Мирисот на риба и морски плодови и на свежо печениот специјален традиционален грчки леб „лагана“, придружени од детска смеа на ридовите додека ги летаат нивните хартиени змејови, го одбележуваат денешниот ден во Грција, „Чист понеделник“ – денот што го означува крајот на карневалскиот период „Апокриес“ и почетокот на големиот Велигденски пост.

„Чист понеделник“ е подвижен празник, зависи од датумот на Велигден, односно секоја година е 48 дена пред православниот Велигден и како што кажува и самото име, секогаш е во понеделник, а симболизира духовно и телесно „чистење“ на христијаните.

Традицијата во Грција налага денеска (како и за време на Велигденскиот пост) да се јаде посна храна, што најчесто вклучува посна трпеза со риба, морски плодови, како октопод, лигни, школки и ракчиња, придружени со туршија, маслинки и свежи салати, салата од икра, грав, алва и специјалниот традиционален леб „лагана“.
Со оглед на тоа што е неработен ден, најчесто се јаде на отворено или на пикник, но и во рестораните со риба и морска храна, а најпосетени се ридовите и парковите, за летање на хартиени змејови.
Оваа прослава и одбележувањето на „Чист понеделник“ на отворено е позната како „Кулума“, збор што нема точен, буквален превод на македонски, ниту пак на грчки значи нешто конкретно, а и покрај широката употреба на терминот низ цела Грција, не е познато неговото потекло.

Рибниот пазар отворен цела ноќ
Меѓу најпосетените места во изминатите денови беше рибниот пазар во центарот на Атина, во склоп на општинскиот пазар Варвакиос.
Како што е зголемена посетеноста на пазарот за месо во пресрет на големите празници како што се Велигден и Божиќ, така во пресрет на „Чист понеделник“, најфреквентен е рибниот пазар.

Традиција во Атина е рибниот пазар во очи на празникот да биде отворен во текот на ноќта, односно отвори синоќа во 21 часот, работеше цела ноќ, а за оние кои оставија во последен момент да се снабдат со риба и морски производи, можат тоа да го сторат и претпладнево.
Дописничката на МИА од Атина го посети пазарот, вработените се задоволни од посетеноста, велат цените се горе-долу слични како и лани, со минимални зголемувања на одредени производи, додека пак граѓаните коментираат дека има значително поскапување во споредба со лани.

– Ако добро паметам, мислам дека цените се за едно, две до три евра повисоки од лани. Ми се чини дека во супермаркетите морските производи се поевтини, но сепак ќе купам од тука, барем знам дека се е свежо, вели Гркинка додека пазарува за посната трпеза.
Октоподите се од 14 до 24 евра, лигните почнуваат од 6,99 евра и достигнуваат до 11,99 евра, ракчињата се меѓу 8,99 и 12,99 евра, додека цената на ситните ракчиња почнува од 4,99 евра, а икрата е околу 20 евра.

Во однос на останатите традиционални посни производи за Велигденскиот пост, цената на алвата започнува од 9,50 евра за килограм, а со различни вкусови достигнува до 15 евра.
Според податоците од Организацијата на централните пазари и рибарски дејности просечното зголемување на цените на морските плодови се движи меѓу 15 и 16 отсто во споредба со минатата година.

Без лагана – нема Чист понеделник
Освен рибата и морските производи, посната трпеза на Чист понеделник не може да се замисли без лагана, односно традиционалниот и едноставен грчки леб, без квасец, без јајца и без млечни производи, што се подготвува и консумира само еднаш годишно – токму денеска и о означува почетокот на 40-дневниот пост пред Велигден, период на духовно и телесно прочистување
Името потекнува од старогрчкиот збор „лаганон“, што означувал рамна погача направена од брашно и вода, а формата се задржува и денес – лебот е рамен и овален, најчесто посипан со сусам.

Постои верување дека симболично се поврзува со лебот што, според Стариот завет, Израелците го подготвиле без квасец при нивното заминување од Египет.
Станува збор за едноставен леб направен од брашно, вода, сол и маслиново масло, како и со сусам, а во изминатите години има и различно варијанти со други вкусови, како што се полнети со маслинки, со пиперки, печурки, но и со алва.
Одредени фурни, почнаа да се продаваат лагана уште од крајот на минатата седмица, меѓутоа сепак, повеќето од граѓаните, доколку немаат подготвено домашна, ќе купат денеска за да биде свежа и топла за посната трпеза, а поради големата побарувачка, подготовките доста често започнуваат уште од претходната вечер.

Цените се од четири до девет евра за килограм, во зависност од тоа дали е обична или полнета.
Во Солун, се очекува да бидат испечени над 500.000 лагани, според претседателката на Федерација на пекари на Грција и на Здружението на пекари на Солун, Елса Кукумериа, која за грчката новинска агенција АНА-МПА посочи дека „мнозинството потрошувачи остануваат верни на класичната варијанта“, со оглед на тоа што 90 отсто од потрошувачите ја избираат традиционалната лагана“.
Во Атина пак, општината Перистери во западниот дел на градот и оваа година, како и во изминатите ја подготвува најголемата лагана.

За годинава, планирано е да при подготовката, искусните пекари да употребат 320 килограми брашно од четири вида, 80 килограми сусам, 30 литри сусамово масло, 22 килограми таан, како и сол, шеќер и квасец.
Ланската лагана во конкретната општина надмина 240 килограми и на им беше поделена на илјадниците граѓани кои присуствуваа на големата прослава за Кулуума, односно на Чиста Понеделник.

Кулума – прослава на Чист понеделник на отворено
Пикникот и летањето хартиени змејови, најчесто во парковите и на ридовите во или вон градовите исто така се карактеристични обичаи во Грција за денешниот ден при одбележувањето на Чист понеделник на отворено што е позната како „Кулума“.
Летањето хартиени змејови освен што е начин за забава на најмладите, во Грција се верува дека го симболизира вознесувањето на човечката душа кон небесното, кон Бога во потрага по духовна слобода и да се ослободи од земските задоволства и грижи, што е основа на значењето на Великиот пост.

Секој отворен простор низ Грција денеска ќе биде исполнет со хартиени змејови во сите бои и големини, заедно со детските насмевки во рамките на „натпреварите“ чиј змеј ќе достигне најголема височина.
Општина Атина, како и секоја година на ридот Филопапу во непосредна близина на Акропол организира прослава со општинската Филхармонија и концерт, со бесплатни посни јадења.

-На Чист понеделник на ридот Филопапу, ја одржуваме жива традицијата со музика, посни јадења и хартиени змејови на небото над градот, порача градоначалникот на Атина Харис Дукас.
Слични манифестации и настани се организирани и во други атински општини, како и низ градовите низ цела Грција.






