Чистење на површината на Велешко, дотур на свежа вода се некои од мерките за спас на клинички мртвото езеро Младост

Комисијата за следење на состојбата со водата во велешкото езеро „Младост“ на последната седница повторно ги усвои веќе изгласаните мерки за санација и заштита на езерото, кое и понатаму е под целосна забрана за капење, наводнување и рекреација.
Забраната ќе остане во сила поради присуството на опасни цијанобактерии и потенцијално токсични материи, согласно препораките на Центарот за јавно здравје донесени на почетокот на месецот.
Мерките кои треба да се преземат во најбрзо време, а кои досега требаше да бидат преземени, се чистење на коритото на Отовичка река, отстранување на наслагите од површината на езерото Младост, правење бушотини кај Рудничка река, со цел да се дојде до свежа вода, која треба да се влива во велешко, како краткорочна и најбрза мерка за дотур на вода.
Изгласана е реконструкција на колекторскиот систем и шахтите, со цел да се спречи понатамошно загадување на езерото.
Како долгорочна мерка и најефикасна мерка е довршување на цевководот од езеро Лисиче до езеро Младост во должина од околу 6 километри, за кои Вицепремиерот Љупчо Димовски вети дека ќе се заложи што побрзо да се почне со реализација!
„Голем дел од овие мерки и активности требаше да бидат завршени, но тоа е што е! Да се надеваме дека до наредна седница на комисијата ќе има превземено активности на терен, а не само да констатираме лоша состојба на водата!“, рече советникот во Општина Велес, Димитар Абрашев.
Претставниците на Центарот за јавно здравје изнесоа загрижувачки податок – состојбата со квалитетот на водата ова лето е уште полоша од минатата година. Забраната ќе остане на сила сè додека не се изврши стручна анализа што ќе покаже дека водата е безбедна и не содржи токсични материи.
фото фокус мк