„Читањето е супермоќ“ – онлајн кампања на „Арс Ламина“

Под мотото „Читањето е супермоќ“, издавачката куќа „Арс Ламина“ втора година по ред организира кампањата за поттикнување читачки навики кај децата. Годинава кампањата ќе се одвива онлајн преку социјалните мрежи на „Литература.мк“, а ќе биде организиран и фото-конкурс.

Издавачката куќа соопшти дека идејата е да се зголеми читачката култура кај најмладите, затоа што, како што дополнува, дете кое чита е возрасен кој размислува.

– Онлајн кампањата има за цел да ја поттикне љубовта кон книгите, да се создадат идни читатели и да се инспирира корисно и паметно поминато време во текот на летниот распуст. Во рамки на онлајн кампањата „Читањето е супермоќ“, која ќе се одвива преку социјалните мрежи на „Литература.мк“, ќе биде организиран фото-конкурс, соопшти „Арс Ламина“.

Оттаму посочуваат дека во предизвикот учесниците ќе треба да објават фотографија со некоја од книгите за деца од „Арс Ламина“ достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk, и да напишат свое објаснување зошто читањето е супермоќ (означено со хаштазите: #ЧитањетоЕсупермоќ, #Либи, #АрсЛамина, #Литературамк).

Кампањата ќе ја поддржат јавни личности од најразлични области, влијателни лица од социјалните мрежи и претставници на сите нивоа на образование.

– Преку својот импринт „Либи“, „Арс Ламина“ досега има објавено 45 лектири и читанки, кои се разликуваат од сите претходни лектирни изданија на пазарот, пред сѐ, по тоа што се лесно читливи за учениците, вклучително за децата со дислексија. Книгите од едицијата „Лесно читливи лектири“ се изработени според светските стандарди за дислексија, а вклучуваат и речник на помалку познати зборови, како и активности за работа на час, се наведува во соопштението на „Арс Ламина“.

Back to top button
Close