Членови на МАНУ: Реформата во образованието е неопходна, претпазливо со историјата

– Реформата треба да се поддржи и е неопходна што побргу зашто се работи за најзначајно прашање – основното образование, кое е база на целиот образовен систем, сметаат членови на Одделението за општествени науки и на Центарот за стратегиски истражувања во МАНУ, според кои е нормално да има различни ставови, а и тие имаат свои сугестии за подобрување на концепцијата и нив ги изнеле денеска на средбата со министерката Мила Царовска и со членовите на работната група кои го изработија нацрт-документот.
-Дадовме редица сугестии за подобрување на концептот и очекуваме по усвојувањето, да биде подготвен наставниот план, а следен чекор – наставните програми, како и национални образовни стандарди преку кои ќе се мерат исходите на образованието – стекнатите компетенции и оценувањето на учениците, за да може да се подигне квалитетот на основното образование, кој сега, на меѓународни мерења, се оценува како исклучително низок, рече академик Владо Камбовски по состанокот.
Реформата треба да вклучи и други компоненти, додаде тој, како буџетски вложувања, подобрување на статусот на наставниците и едукација за нова филозофија на учење со која се стекнуваат знаења и способности за совладување проблеми.
-Укажавме конкретни сугестии во однос на структурата на наставниот план кој, според нас, слично на други развиени концепти, во рамки на осумте подрачја одредени како цели на системот на образование, треба да вклучи листа на задолжителни предмети, меѓу кои треба да се најдат и историја, и физика, и хемија, оние кои сега се групирани само како модули на заеднички предмет Општествени науки, рече Камбовски.
Според академик Таки Фити, најважно е да се промени пристапот на учење и реформата треба да почне со радикално преиспитување на наставните содржини и од нив да исфрли се што е второстепено и несуштинско, екстензивноста и кванитетот, а учениците да се ослободат од меморирање факти и од најрана возраст да се учат на критичко и логично размислување и да стекнуваат вештини на креативност, инвенција, иновативност, способност за претприемништво и искористување на можностите. Посочи и дека прашањето за интегрирање на предметите не е незначајно и дека историјата треба да остане посебен предмт.