Скопјанецот што ги запали возилата пред Бугарската амбасада на стомакот има тетоважа од Путин — му бил херој и идол
Човекот кој вчера околу пладне потпали две паркирани возила пред Бугарската амбасада во Скопје, по што беше експресно идентификуван од Агенцијата за национална безбедност и уапсен од Министерството за внатрешни работи, имал тетоважа на стомакот од претседателот на Русија Владимир Путин, кој му бил херој и идол, пренесе „Слободен печат“ повикивајќи се на свои добро упатени извори.

Тие тврдат дека засега мотивот за инцидентот не е поврзан со Бугарија, туку сторителот наводно се изнервирал зашто на некоја телевизиска репортажа видел дека возилата се паркирани непрописно, фатил автобус од Драчево, дошол во Центар и ги запалил возилата. На стомакот осомничениот го има истетовирано ликот на Владимир Путин, претседател на Руската Федерација, за кој велел дека му е херој и идол.
Во рамки на преземените активности, во краток временски период е идентификувано и пронајдено лицето за кое постои основано сомнение дека го сторило делото. Станува збор за И.Д. (44) од Скопје, кој е лишен од слобода и задржан во полициска станица“, велат од Министерството за внатрешни работи.
„При преземените дејствија е пронајдена и облеката што лицето ја носело во моментот на извршување на делото. Во координација со надлежен јавен обвинител се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот, по што против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по итна постапка“, се додава во полициското соопштение.






