Човекот за чија глава САД даваше 10 милиони долари пристигна во Њујорк за Генералното собрание на ОН
Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара пристигна во Њујорк за она што сириските медиуми го нарекоа „историска посета“ за да присуствува на Генералното собрание на ОН.
Ова е прв пат од 1967 година шеф на сириска држава да присуствува на годишниот собир, објави сириската новинска агенција САНА. Ал-Шара официјално предводи делегација во која се вклучени неколку министри и високи функционери.
Сириското претседателство објави на социјалната мрежа X дека ал-Шара се сретнал со група сириски емигранти во Соединетите Држави. Тој ја нагласи „важноста на нивната улога во пренесувањето на вистинската слика за Сириската Арапска Република“ и изрази „благодарност за нивните искрени напори во служењето на татковината“.
Кој е ал-Шара?
Ахмед ал-Шара, познат и по неговото воено име Абу Мохамед ал-Џолани, беше истакнат член и командант на Ал-Каеда во Ирак, каде што учествуваше во вооружени операции против американските сили. Тој беше уапсен и затворен во неколку американски и ирачки логори, вклучувајќи ги Камп Бука и Камп Таџи.
На почетокот на 2010-тите, по налог на раководството на Ал-Каеда, тој ја основа гранката Џабхат ал-Нусра (Фронт на победата) во Сирија, која брзо стана една од најмоќните и радикални фракции во сириската војна, директно поврзана со Ал-Каеда.
Под негово водство, Џабхат ал-Нусра, а подоцна и Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), вршеа терористички и криминални активности како што се киднапирања, изнуда и напади врз цивили, што доведе до тоа ОН, САД, ЕУ и други меѓународни тела да ги прогласат овие организации за терористички.
До неодамна, Американците нудеа награда од 10 милиони долари за неговата глава. Иако формално ги прекинаа врските со Ал-Каеда во 2016 година и се обидоа да го преобликуваат имиџот на ХТС, меѓународните организации сè уште ја сметаат за одговорна за бројни злосторства и терористичко минато