Човештвото пред нова бездна

Почитувани читатели, живееме моментум на масовно вооружување. Најсилните држави во светот масовно се наоружуваат и регрутираат млада популација за војска. Би сакал да не верувам , меѓутоа фактите сами за себе говорат дека се спрема нова војна која може да биде фатална за севкупното човештво.

Двете светски војни од минатиот век однесоа милиони жртви и создадоа беда која со децениска макотрпна работа требаше да ги надомести материјалните загуби. За жал, човечките жртви се ненадоместиви.

Денес војната во Украина добива нова димензија. Очигледно ЕУ заедницата не се согласува со американската администрација и со начинот за разрешување на овој спор.

Деновиве од многу мои пријатели кои живеат во ЕУ заедницата информиран сум дека чувствуваат несигурност и загриженост, бидејќи во нивните земји се форсира војната индустрија, а земјите кои некогаш го укинаа служењето на воениот рок на младата популација, денес повторно го воведуваат. Низ автопатиштата на ЕУ циркулираат воени возила кои пренесуваат тежок воен материјал, од ракети до лансерни рампи.

Стравот од војна владее меѓу граѓаните на ЕУ.

Која е причината? Очигледно причината е веќе однапред наметнатата војна во Украина. По мое лично убедување никогаш не би се случила да беше слободен избор на Украина да војува со Русија. Некој ја поддржал или поточно ја навлекол…Во последните две децении Украина, моќно поддржана од НАТО членките, направи низа чекори со кои индиректно ги залади односите со соседна Русија.

Во Украина денес живеат повеќе од 30% Руси на кои властите од Киев им го одземаа правото да учат и да го користат нивниот мајчин јазик.

Јас од почетокот на 90-те години од минатиот век, па се до 2007 година работев со комбинати кои произведуваа железна руда во областа Криворог и Дњепропетровски. Сите договори и целокупната комуникација со врвните луѓе на овие комбинати се водеше на руски јазик.

Преку ноќ со одлука на Киев, рускиот јазик исчезна од секојдневието.

Не е мое да судам или осудувам, ама очигледно е, бидејќи живеам во мултиетничко општество, дека со ваквите забрани се нарушува редот и мирот меѓу граѓаните.

Денес Украина е разорена држава. Нејзината ревитализација ќе трае со децении доколку се случи мир. Но ако војната продолжи, лесно може да се случи Украина да исчезне од мапата на самостојни држави.

Претседателот Трамп покажа сериозен однос кон мирот, неопходен за Украина. Неговото игнорирање на ЕУ заедницата при преговорите со Русија предизвика, согласно моето разбирање, гнев меѓу европските силни држави, а тоа се Германија, Франција и Велика Британија.

Изјавите на врвни личности на ЕУ говорат дека војната ќе трае долго, што за мене и многумина како мене овој чин е неразбирлив.

Големите европски држави, коишто денес ја водат ЕУ заедницата, беа иницијатори за отпочнување на двете светски војни во минатиот век. Очигледно е дека апетитите на овие големи европски велесили не се минато, туку и денес имаат нескриена агенда за ширење на територијата на денешната Руска Федерација.

Историски, Русија никогаш немала аспирации за освојување на Централно-Европски територии, иако за време на Втората светска војна тие контролираа територии, кои се половина од денешната ЕУ заедница.

Очигледно е дека германската идеја за ширење кон Исток и натаму е силна, овој пат подржана од Велика Британија и Франција. Историски гледано Германците и Французите го имаат осетено рускиот камшик на одмазда. Британците мудро но перфидно даваат поддршка на овие болни европски амбиции.

Убеден сум дека разумот ќе победи. Претседателот Трамп како најистакната светска државничка фигура ќе најде начин како да го сопре овој нагон на себеуништување.

Многу и е чудно, како две големи велесили во случајов САД и Руската федерација, може да седнат и да се договорат, а таков договор меѓу ЕУ и Руската федерација е невозможен. Граѓаните на ЕУ се загрижени. Тоа го почувствува госпоѓата Фон Дер Лајн при нејзината посета на воената фабрика во Сопот, Бугарија, кога била пречекана од демонстранти кои ја извикувале паролата фашисти.

Роден сум по завршувањето на Втората светска војна. Последиците од војната ги чувствував првите 10 години од моето живеење. Не сакам да се случи повторно, да се случи војна од светски размери која би однела со себе многу наши чеда.

Мирот во светот мора да биде приоритет за секого.

Трифун Костовски

Back to top button
Close