Чудната приказна за спомениците

Некои експерти, не така одамна односно пред само неколку месеци (мај 2020), „пророкуваа“ дека она што се случуваше во некои делови на светот, главно САД, Велика Британија и други западни земји, ќе се шири, полека но сигурно, низ целиот (цивилизиран) свет. Мислам, конкретно, на политичките, социјалните и граѓанските реакции директно потикнати од тогашното бескрупулозно убиство на Џорџ Флојд во Минеаполис (Минесота, САД), а коишто го „вратија“ во живот и движењето наречено „Black Lives Matter“. Многумина предупредуваа дека е доволна некоја, некаква искра што (повторно) ќе го разгори огнот на протестот против нееднаквоста, против насилието, но и против редица други актуелности. Тоа, имено, и се случи, (повторно) главно во САД и Велика Британија, но – искрата е опасна кога тлее и на други места, нели?

Она што тогаш го гледавме во САД и Велика Британија беа само моментни, актуелни но никако и нови реакции. Нерасчистените или недоволно расчистените „сметки“ со минатото, особено со периодот на ропството, Граѓанската војна и др., коишто сега се враќаат како бумеранг, иако биле присутни во разни форми – па и во формата на уривање на споменици – особено во јужните делови на САД. Ништо поразлично во базичните причини не беше ниту уривањето на споменикот на Едвард Колстон (трговец со робови) во Бристол, Велика Британија! Она пак што беше фрапантно е фактот дека на удар во САД се наоѓаа дури и споменици на Кристифор Колумбо, Теодор Рузвелт и други (во Лондон дури и споменикот на Черчил!), кои тамошната јавност денес ги гледа низ една сосема поинаква историска призма!!! Но, ако на прашањето му пристапите без предрасуди, чисто хуманистички и со отворена свест, тешко да најдете противаргументи за ваквото „насилство“, па дури и за еден Колумбо. Како што впрочем многумина од нас приговараа(т) и за она чудовиште среде скопскиот плоштад што го глуми „нашиот“ Александар. Но ние (барем досега) не смогнавме сили да го отстраниме од градов. Како да не сме свесни што се’ претставува/симболизира тој споменик?! За да ја поткрепам оваа моја теза, ќе цитирам само еден наслов од британскиот „The Guardian“ од угледниот британски историчар Олусога кој вели: „Соборувањето на статуата на Едвард Колстон не е атак врз историјата. Тоа е историја“.[1] И уште нешто од истиот човек: „Statues are about saying ‘this was a great man who did great things’. That is not true, he [Colston] was a slave trader and a murderer“.[2] Таква, имено, ќе биде – некогаш – карактеристиката и на нашето „соборување“ на споменикот на Александар Македонски во Скопје!

Но, во меѓувреме, во Македонија се случи уште една споменичка хаварија, или уште една чудна споменичка приказна, приказна од поблиското минато, а врзана со нашите ЕУ аспирации – приказната за Македонија во периодот 1941-1944 година. И таа „приказна“, под притисок на источниот ни сосед, тендира да биде наша искра, наш „фитил“ за некаква (нова) историска експлозија, барем за наведениот период. Велам „нова“, зашто имавме една „стара“, баш од времето на Александар и неговата фамилија, онаа со јужниот сосед, којашто заврши со познатиот „Преспански договор“. Ќе има ли и овде некаков сличен договор? Не знаеме, иако многумина мислат дека индициите одат натаму! Се сомневам, но – да видиме.

Како и да е’, тука доаѓаме до една суштинска дилема: соочувањето со минатото, па нека е и поблиското, на пример она од Втората светска војна, а со тоа и, на некој начин, „лечењето“ на општеството од траумите на тоа минато, не може да биде работа на само неколкумина политичари и историчари, на само една партија, на само еден општествен слој. Тогаш тоа не е лечење туку е само залечување на раните што се’ уште крварат, лепење на некакви фластери или бандажирање на повредите коишто набргу повторно ќе се „отворат“, ќе прокрварат. Затоа лечењето на општеството од македонското – но и не само на македонското – поблиско (или подалечно) минато не е работа само на државата туку на целото општество. Ако сака да биде „излечено“, се разбира. По којзнае кој пат ќе ја земам за пример Германија како моќен симбол на такво (генерално) успешно лечење на системот. Или некој мисли дека нивните историски лузни се помали, побезначајни од нашите? Дека ние сме најнапатената нација на светот? Ма дајте, ве молам, некој мора да го прекине и тоа кукање и самосожалување! На што личиме пред светот, постојано со некаков плачлив глас и солзи во очите заради нанесените неправди, заради загубените шанси, заради пропуштените прилики… ? Па никој не ни е виновен за тоа, освен ние самите, и – нашите претци. Иако дел од нив ги положиле нивните животи за нашата денешна благосостојба, каква-таква. И имале и грешки, се разбира. Ама мораме ли да ги повторуваме нивните грешки? И плачки?

Следствено, актуелноста на приказната за спомениците – во Македонија во варијантата на спомениците од Народноослободителната борба 1941-1944 година – благодарејќи на глупоста на источниот ни сосед, кај нас само се зголемува, што во суштина е добро. И интересно, секако. Плус – се развива! Но, зошто оваа тема ја нарекувам – чудна? Затоа што, како и кон се’ друго кај нас, ние имаме (најблаго речено) чуден (а може да биде и „искривен“, неук, нејасен, несоодветен…) однос кон поимот споменик, теориски и практично! Се’ ми се чини дека ние овие споменици ги гледаме како некакви анахрони градби, како молчаливи – да не речам мутави – паметници на едно (заборавено?) време коешто, очигледно е, на многумина дури и им пречи, па врз коишто ние можеме да интервенираме како сакаме и кога сакаме зашто нив, за жал, нема кој да ги (за)штити. За среќа, современиот миг со довчерашниот „спор“ со Грција, но особено сегашниот (веќе отворен) конфликт со Бугарија, ги става во некаков фокус (и) на јавноста. А во таа насока  и последните искажувања на цела низа највисоки државни функционери, искажувања коишто, за жал, со голема доза на сигурност упатуваат на отсуството на координација во највисокиот врв на државата, на координацијата во самата Влада итн. Како и да е’, „чудната“ приказна за овие споменици во себе крие многу интересни аспекти, аспекти коишто ќе се обидам во континуитет да ги отворам, еден по еден.


[1] David Olusoga, The toppling of Edward Colston’s statue is not an attack on history. It is history, The Guardian, Mon 8 2020

[2] Инаку, David Olusoga е познат британски историчар, писател, тв презентер и филмаџија, професор по историја на Универзитетот во Манчестер.

Златко Теодосиевски

Извор

Back to top button
Close